Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Friday, January 17, 2014

ПРИКАЗНА ОД ОРДИНАЦИЈАТА

„Кој би го читал тоа? Уште една глупава љубовна приказна...“
„Нека биде една мала вежба. Послушај ме, јас сум ти доктор“.
„Вежба. Како на филмовите. Психијатар сте ми Вие. До психијатар стигнав. Добро, ќе пишувам...“
„Нека биде домашна работа. Времето истече. Ме чека друг пациент. Се гледаме во понеделник“.

„Да пишувам за љубов, тоа ми оди. Да пишувам за тага, уште подобро. Ама тоа е, кога кај мене изгледа љубовта и тагата се едно исто. Не знаев дека така треба да биде. Не знаев дека така треба да заврши. Ни дека воопшто треба да заврши. Ни дека јас треба да завршам во психијатриска ординација. Ама ете, се случува. 

И по се` изгледа дека деновите еднакво ми се одбројуваат. И тогаш еднакво се одбројуваа и сега. Наеднаш ми се причини дека се` се сменило ама изгледа само него го нема. Друго се` е исто. Јас празна си бев секогаш. Половина душа и една желба. За што? Желба за љубов. Љубов за љубовта. Јас сакав да сакам. А тој ми се вклопи во приказната и баш затоа го сакав. Секоја негова маана ми стана совршено делче од сложувалката. Романтична душа, тоа е. И додека беше тука правев се` за да биде среќен. Ама сум правела премногу изгледа, затоа што неговата чаша се преполни, се прелеа и се скрши. И тој ме остави. Јас ли бев таа чаша? Не. Ама и јас сум исто скршена. Полошо. На поситни парчиња. 

А, ми текна. Не сум добра само во креативниве глупости. Јас сум добра и во неговите глупости. Знам што сака. Знам што му треба. Секој ден му исполнувам желби. Мисловно. Во реалноста ми оди ама и не ми оди баш. Некаде грешам. Којзнае каде. Расипана сум. Ама па Вие треба да ме поправите! За што ли плаќам јас? Не сум јас психијатар. Не дека не помислував да студирам за да бидам. Се премислив зошто доста ми беше и од самата себе, а камо ли да слушам туѓи проблеми. Вие имате ли проблеми? Имате ли друг живот надвор од оваа канцеларија? Не е моја работа. Што е тогаш моја работа? Да пишувам вакви „домашни задачи“? Завршив јас со училиштето, доста беше. 

Знаете, гледав еден многу добар филм. Човекот, писател како мене, си напиша книга за девојка од соништата. И оп, таа му се појави во вистинскиот живот. И можеше да напише што сака и да ја натера на се` што ќе му текне. И на крај - хаос. А цел филм си мислев сакам и јас да си напишам љубов од соништата, но кога ќе подразмислам, така никој не ме сака. Си се сакаме јас и мојата имагинација. Глупост. Цел филм беше глупост. 

Вежбава нели беше љубовна приказна да напишам? Па не знам како сакате ова да изгледа. Ми отиде мене љубовта. Се претвори во несовршена дамка на местото на кое секогаш седеше. Ни мирисот веќе не му го чувствувам. А јас се претворив во добрата вила. Гледам некако да му исполнам по некоја желба на далечина. Да му донесам насмевка на лицето дури и кога ме нема. Ете, тој избра да ме нема, а јас се чувствувам виновна. И отсутна. И каква љубовна приказна сега барате од мене кога попрво хорор ќе напишам. Не помага ова. Крајно време е Вие да ми помогнете. Па за што Ве плаќам јас?“

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.