Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Monday, March 3, 2014

БАЛОН

Одлучив конечно да го пуштам. Ми здодеа да внимавам на него. Ми здодеа цврсто да го држам. Постојано бев загрижена да не ми избега. Кога ќе го внесев дома остануваше каде што ќе го оставев. Малку ќе го кренев погледот и тој беше тука. Некоја глава повисок, гордо лебдеше. Со својата става го допираше плафонот. И немо чекаше пак да си поиграм со него. 

А беше зелен. И веќе не толку нов. И го сакав. Му бев приврзана како тој што беше врзан за мојата рака кога излегував надвор. Ноќе фантазирав како тој лета во височините, а кога ќе заспиев сонував како и јас летам со него. Некогаш мислев дека јас не сум му доволна. Дека треба да го оставам да биде слободен. И така и се чинеше. Каде и да бевме, неговата глава секогаш беше високо. Највисоко што можеше да ја држи. 

Сега знам. Тој не ми беше доволен мене. Не беше доволно голем. И сосема беше зелен. И едноличен и здодевен. Тој не беше доволен за да ме понесе и мене со него. За да ме крене до небото и никогаш да не ме врати назад. Никогаш да не дозволи да паднам. Кога го врзував околу мојот нежен зглоб, јас всушност си врзував окови. Во тие моменти не можеше тој да лета, а не можев ни јас. Двајцата стоевме цврсто на земја, слепи за светот околу нас.

Сега знам. И затоа го пуштив. Во синото небо тој стануваше се помала и помала зелена точка. Ја кренав главата и замижаниот поглед го насочив кон него. Сега јасно можев да видам. Па тој беше празен! Толку горделив се искачуваше во височините, а беше толку празен. Којзнае дали можеше да ја почувствува слободата. Јас сигурно можев. Мислев дека ќе ми недостига, но заминувајќи, таа топка воздух ми го врати здивот. Залудно ја држев до мене. Јас воздух немав. Заборавив да дишам, заборавив да живеам. Постојано внимавав на него. Да не му наштетам, да не пукне. Да не го испуштам, да не одлета. Не знаев дека тоа ќе биде најубавото чувство на светот. 

До тогаш се` гледав во зелена боја. За мене тој беше единствен начин на постоење. Како што исчезнуваше во летното синило на небото, така јас го забележав жолтото сонце. Синото небо. Црвените рози. И се` доби смисла. Стана онака како што отсекогаш требало да биде. Затоа што тој беше само балон. Со една единствена желба. Лет кон височините. Без мене. И конечно леташе. Како што отсекогаш сакаше. Високо, горделиво. Сеуште сам. Сеуште празен. Засекогаш сам и празен.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.