Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Wednesday, January 22, 2014

ДЕТЕ

Не е дека ја покажувам јас љубовта. Ама ти ја гледаш. Како мало дете е. Љубовта е како мало дете. Не се плаши. Не знае за зло. Не гледа причина да се скрие. И светот го гледа со розови очила. И љубовта е наивна. И сигурно е слепа. Не видела што е болка, ни скршено срце. Не знае дека тие доаѓаат по неа да ги уништат сите спомени што ги оставила.

Љубовта е дете. Среќно и безгрижно. Не знае за глад, не знае за студ. Не знае да ме послуша кога и` велам да се скрие. Ми раскажува бајки нереални колку што е реална таа. А реалноста боли. Штета што љубовта тоа не го знае.

И дете е љубовта кога си игра со мене. Ќе ме крене до небото како да сум хартиен змеј на ветрот. Ќе ме удри од земјата како да сум камен со кој фрла по некое исплашено маче. Дете е љубовта толку безгрижно колку што јас од грижа не заспивам ноќе. А таа мирно спие и сонува за среќно утре. Додека јас дочекувам зора заедно со самотијата. Каква иронија. Ама љубовта е дете. Ни на крај памет не и е да остане будна со мене ноќе. Уморна е и спие. Сакам некогаш да ја оставам да спие до подоцна. Да излезам на утринска прошетка со мојата бесчувствителност. Ама не. Децата се будат пред мене. Децата ме будат и мене. Ме буди љубовта за пак да си играме криенка. А таа не знае ни да се скрие...

И затоа тоа е се` што гледаш од мене. Љубов. Другите делови, другите возрасни делови знам да ги скријам. Ама љубовта не сака и не сака. Љубовта е дете. Не знае за зло.

Friday, January 17, 2014

ПРИКАЗНА ОД ОРДИНАЦИЈАТА

„Кој би го читал тоа? Уште една глупава љубовна приказна...“
„Нека биде една мала вежба. Послушај ме, јас сум ти доктор“.
„Вежба. Како на филмовите. Психијатар сте ми Вие. До психијатар стигнав. Добро, ќе пишувам...“
„Нека биде домашна работа. Времето истече. Ме чека друг пациент. Се гледаме во понеделник“.

„Да пишувам за љубов, тоа ми оди. Да пишувам за тага, уште подобро. Ама тоа е, кога кај мене изгледа љубовта и тагата се едно исто. Не знаев дека така треба да биде. Не знаев дека така треба да заврши. Ни дека воопшто треба да заврши. Ни дека јас треба да завршам во психијатриска ординација. Ама ете, се случува. 

И по се` изгледа дека деновите еднакво ми се одбројуваат. И тогаш еднакво се одбројуваа и сега. Наеднаш ми се причини дека се` се сменило ама изгледа само него го нема. Друго се` е исто. Јас празна си бев секогаш. Половина душа и една желба. За што? Желба за љубов. Љубов за љубовта. Јас сакав да сакам. А тој ми се вклопи во приказната и баш затоа го сакав. Секоја негова маана ми стана совршено делче од сложувалката. Романтична душа, тоа е. И додека беше тука правев се` за да биде среќен. Ама сум правела премногу изгледа, затоа што неговата чаша се преполни, се прелеа и се скрши. И тој ме остави. Јас ли бев таа чаша? Не. Ама и јас сум исто скршена. Полошо. На поситни парчиња. 

А, ми текна. Не сум добра само во креативниве глупости. Јас сум добра и во неговите глупости. Знам што сака. Знам што му треба. Секој ден му исполнувам желби. Мисловно. Во реалноста ми оди ама и не ми оди баш. Некаде грешам. Којзнае каде. Расипана сум. Ама па Вие треба да ме поправите! За што ли плаќам јас? Не сум јас психијатар. Не дека не помислував да студирам за да бидам. Се премислив зошто доста ми беше и од самата себе, а камо ли да слушам туѓи проблеми. Вие имате ли проблеми? Имате ли друг живот надвор од оваа канцеларија? Не е моја работа. Што е тогаш моја работа? Да пишувам вакви „домашни задачи“? Завршив јас со училиштето, доста беше. 

Знаете, гледав еден многу добар филм. Човекот, писател како мене, си напиша книга за девојка од соништата. И оп, таа му се појави во вистинскиот живот. И можеше да напише што сака и да ја натера на се` што ќе му текне. И на крај - хаос. А цел филм си мислев сакам и јас да си напишам љубов од соништата, но кога ќе подразмислам, така никој не ме сака. Си се сакаме јас и мојата имагинација. Глупост. Цел филм беше глупост. 

Вежбава нели беше љубовна приказна да напишам? Па не знам како сакате ова да изгледа. Ми отиде мене љубовта. Се претвори во несовршена дамка на местото на кое секогаш седеше. Ни мирисот веќе не му го чувствувам. А јас се претворив во добрата вила. Гледам некако да му исполнам по некоја желба на далечина. Да му донесам насмевка на лицето дури и кога ме нема. Ете, тој избра да ме нема, а јас се чувствувам виновна. И отсутна. И каква љубовна приказна сега барате од мене кога попрво хорор ќе напишам. Не помага ова. Крајно време е Вие да ми помогнете. Па за што Ве плаќам јас?“

Thursday, January 9, 2014

СКРШЕНИ СНИШТА

Имав сон за себе и за него и за нас 
и за животот уште како мало и невино дете.
Во ноќите го сонев кога ќе се смрачи
и кога штурците ќе засвират штом заспивам лете.
Имав сон за љубов меѓу сништа детски,
имав сон за среќна семејна идила.
И уште од мала со чисти очи гледав,
со чиста душа знаев - таа слика ми е мила.
Тука кај што растев под тополите, под трите,
каде што со лесно ми минеа дните
додека играв со топка од смеа,
тука од дожд прокапа и мојта родна стреа.
Започна бура, грмотевица ме стресе,
но што знаев јас, па бев само дете!
А верувај, сакав да бидам јас ко нив,
мајка и татко - ми беа идоли.
Но во ниеден сон, ти велам - во ниеден
јас не сонив колку може да боли...
И ми прокапа домот и почна да тече
и дождови се леат, во куќата ми роси.
А јас бев дете, ние бевме деца,
се прибравме од надвор калливи и боси.
Истураше и грмеше, се подели на пола
мојта родна грутка, мојта детска смеа.
И тогаш на ново место се појави таа,
над детските клепки се надвисна стреа.
Ете од тогаш јас соништа снемав,
ноќта ми стана како трета смена.
На моите плеќи се насели товар,
јас мајка станав на браќа и сестри.
Ете од тогаш, ти велам - од тогаш
сништата за тебе не се веќе чести.
И кажи ми сега како да те сакам
кога јас заборавив што е тоа љубов?
Тука кај што беше нашето гнездо
за прв пат тука видов како се губи.
Веќе ги нема тополите вишни,
ветрот низ празни спомени дува.
Ги нема веќе ни желбите скришни,
нема ни штурци, ноќта е глува.
Сега сум можеби емотивно луда,
а и громот ме подели на два прости дела.
Сега лутам сама и не знам да сакам,
а верувај знаев кога бев цела.
Извини сега што не те сонувам веќе,
извини што ме нема и кога сум тука,
извини што плачам без солзи често,
извини што ми смета секоја бука.
Јас возрасна станав пред времето да дојде,
а ти беше дел од детските сништа.
Ти беше принцот од моите бајки,
но јас не сум принцеза, не сум веќе иста.
Чудно е како се ќе се смени,
додека да трепнеш веќе те нема...
Остануваш во мисла и да се прашуваш само
што е тоа што мирот ти го зема.
И не само мирот и чувствата мои!
Јас останав празна, но од друга страна јака.
А што ми вреди тоа, што вреди „извини“,
кога јас одамна заборавив да сакам?

Saturday, January 4, 2014

НЕ СЕ КУПУВА ВРЕМЕ

Ако чекаш некој, ако крадеш боја,
ако ноќта е предолга за несоницата твоја,
ако секој звук ко чекор го слушаш
и неговиот глас е во твојата душа
и се е надеж, но и тешко бреме,
ти залудно чекаш - НЕ СЕ КУПУВА ВРЕМЕ.

Ако во тебе живеат спомени триста
и по образ ти се тркала уште една солза чиста,
но знаеш дека веќе и месечината дреме,
залудно чекаш -НЕ СЕ КУПУВА ВРЕМЕ.

Кога е доцна за љубов и страста веќе мина,
ако остана само тага во тебе,
знај залудно чекаш штом вашето го нема,
ЗА НИШТО НА СВЕТОТ НЕ СЕ КУПУВА ВРЕМЕ!