Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Wednesday, February 26, 2014

ЧЕКАЈЌИ

Денес сфатив дека ако доволно те чекам
тоа не значи дека ќе се вратиш,
и дека секој што чека не добива нешто
и трпението не значи дека ќе ме спаси.
И не можам повеќе да дремам без врска
цел живот да чекам, ти што ќе ми дадеш?
Ма не е за корист, не сакам ништо,
ама кој си па ти од мене да крадеш?
Кој си па ти за да те нема,
а јас да седам сама и празна?
Ти не си тој, ма ти не си никој,
и јас не сум таа што заслужи казна.
Чекаат луѓето на автобуска,
и возови чекаат и авиони.
А јас веќе не знам што треба да чекам,
да чекам ли телефонот да почне да ѕвони?
Луѓето чекаат и свадби и деца
и за се` нешто чекаат вистинско време.
Чекав и јас, ама не знам за што,
чекав ли да биде време за тебе?
Кој чека надеж и кој чека среќа,
нели викаа тоа само ќе си дојде?
А јас тебе додека те чекав
пола од времето за среќа ми пројде.
Еве и сега дур глумам јас мудра,
дур пишувам празни приказни за тебе,
чекам уште еднаш сказалките да се судрат,
а се` си мислам залудно си трошам јас време.
Па решив да си дадам на себе јас совет,
за иднина може, ако не за сега.
Ако нешто ти треба, ако нешто сакаш
оди да го земеш и престани да бегаш!
Да чекаш е исто како да те нема,
ко да не постоиш, ко да не си тука.
Додека ти бесцелно чекаш
за некој друг часовникот чука.
И затоа станав и исправив глава
да чекам повеќе причина немам.
Што дека седев, што дека чекав,
време е да земам она што ми треба.

Saturday, February 22, 2014

ДРУГАР

Љубов на продажба за ефтини пари,
другарство на претек, но кои ти се другари?
Секој те сака тогаш кога требаш,
а кој ќе биде тука кога ништо ти ќе немаш?

Ќе чека ли некој на старото место
ако не можеш да доаѓаш веќе толку често?
Ќе дојде ли некој да те види болен
ако не си веќе ко некогаш голем?

А животот е тежок, утре не си тука.
Кој е твојот дом, кај е твојата куќа?
Кој е твојот брат за кој вреди да трошиш,
што е вреден спомен за во срце да го носиш?

Тркалото се врти и се` ќе се смени,
редок е тој пријател што вреди да го цениш.
Да ти избрише солза, но и да плаче со тебе,
таквиот е еден, чувај го до себе.

Времето ќе тече, денес ти си доле,
препознај го вистискиот и крени го до горе.
Денес ќе се тука, но за што им требаш?
Ќе подадат ли рака кога од животот ќе бегаш?

Сети се дали во тешкото време
било кој од нив стоеше до тебе.
Сети се колку лица што ги знаеш
ги нема крај тебе, но немој да се каеш.

Љубов на продажба за ефтини пари,
другарство на претек, но кои ти се другари?
Кога си на колена и го допираш дното,
еден е другар за да го победиш злото.

Кога си сам и светлина немаш,
да ти отвори очи другар ти треба.
Оној што те сака и на спомени ти е чувар
и во добро и лошо, е тој ти е другар!

Thursday, February 20, 2014

ЈАС И ТИ

Јас и ти до небото.
И назад.
Почесто назад.
Почесто долу.
Почесто празно отколку полно.

Јас и ти и ѕвездите.
Под исто небо.
Јас на југ.
Ти на север.
Ист воздух ни треба.

Јас и ти некогаш.
Јас и ти сега.
Јас и ти разлика.
Два цели века.

Јас и ти во ноќите.
Јас сама до зора.
Ти некаде далеку.
Јас со мугрите горам.

Јас и ти без причина.
Без повод јас сама.
Јас и ти избледени.
Јас и гордост на дама.

Јас без тебе не умеам.
Ти без мене знаеш.
Јас и ти до сонцето.
И надеж уште да траеш.

Јас и ти зар постои?
Не постои јас велам.
Јас и ти исчезна.
Јас и ти го снема.

Јас и ти до небото.
Никогаш повеќе твоја.
Јас и ти во темнина.
Празна и никогаш своја.

Monday, February 17, 2014

СРЦЕ ОД КАМЕН

Што е тогаш љубов? Да седам будна и да плачам во два часот по полноќ? Да бидам повредена по којзнае кој пат и само заради таа таканаречена љубов да се подготвам за уште еден, можеби последен удар? Да заборавам се` што беше добро и да не ми остане ниедно среќно сеќавање? Тоа ли е љубов? 

Јас сакав. Јас дадов се` од себе. За возврат само болка. Понекогаш надеж. Далеку од доволно. И мислиш во погрешен сум се заљубила? Мислиш слаба сум на лоши момци со студени срца и врели тела? Не е така. Па зарем на почетокот не се сите исти? Сите фини, сите грижливи. Илузија. Не се сите исти. Нема двајца исти на планетава. Ама било кој од милијарди луѓе и да го избереш ќе те повреди тогаш кога ќе му дозволиш. Ако не те повреди тој тебе, тогаш значи ти си таа што ќе го повреди. 

Не знам. Зборувам глупости. Можеби нема. Ама јас сум таков баксуз што во моментот кога ја отворив душата ми изгоре. Пепел ми се полни сега градиве. Што вреди да се заљубиш? Што вреди да се отвориш? Не сакам повеќе. И не ми вели дека ќе најдам некој да ме сака. Јас нема да барам. Ниту дека некој ќе ме најде мене. Јас ќе бидам скриена. Што вреди? Можеби душата ми е пепел по туѓа волја, ама срцето ми стана камен по моја.