Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Sunday, March 30, 2014

НЕШТО ЗА СПОМЕН


Ти кога ќе одиш јас пак ќе заѕвонам на вратата од твоето дома.
Некој ќе ми отвори па тогаш ќе влезам право во твојата соба.
Па тивко ќе излезам на балкончето мало, за последен пат да земам јас здив.
Да те проколнам што сум повторно сама и да ти кажам одново колку си крив.
Гледај да ми оставиш на перницата од парфемот, за да се сетам дека беше тука.
И да помислам да ја згужвам перницата во чанта пред да си заминам од твојата куќа.
Ама сите слики сврти ги кон ѕидот, да не те гледам, доста што те сонам.
И остави ми клуч во малата фиока, нареден пат да не морам да ѕвонам.
Остави ми нешто да облечам топло, си одам ноќе, а ветар ќе дува.
Остави и некој празен спомен, да не одам тажна, ноќта е глува.
Но немој, те молам, не празни го плакарот, остави нешто, како надеж, знаеш.
Остави ми некој дел од себе, бар да мислам
дека што отиде се каеш.
И цигара остави ми, запалка ќе имам, ветувам нема во соба да пушам.
Колку да ги задимам спомените стари, колку само малку да престанат да ме гушат.

Sunday, March 23, 2014

БЕЗ СЕБЕ И БЕЗ ТЕБЕ

Секогаш на врв на јазик ми стоеја милион прашања за да му ги поставам. Не се осмелував да го прашам се`, тоа никако, ама прашував доволно за да го налутам него и да се налутам себе. Ви реков, никогаш не прашувајте нешто на кое ни најмалку не сакате да го знаете одговорот. Одговорите се страшни. Особено оние искрените. Особено оние директните и бесчувствително фрлените во твоето лице за да ти ја изгорат душата. Подобро не прашувајте. 

Ама мене немаше кој да ми го каже ова, па јас секогаш ги поставував вистинските прашања во погрешно време. Во време во кое срцето разголено и ранливо ми стоеше пред него. Сега го проколнувам што беше искрен со мене. Која иронија, нели?

Мене немаше кој да ми каже да се чувам од љубов. Да си ја чувам љубовта. Да не покажувам, или уште подобро, да не ни чувствувам. Немаше кој да ме заштити. Влегов во огнот без заштита. И се случи најлошото. Од толку искрени одговори на крајот решив јас да се сменам. Да создадам од себе девојка од неговите соништа. Девојка по негова мерка.

Постојано се менував за да станам личност која тој ќе ја сака. И да ви кажам искрено, успеав. Станав нова и сосема поинаква. Станав силна, станав независна. Станав идеал. Нормално, бев во право. Тој ме сака. Тој ја сака. Ја сака новата девојка. Но тоа веќе не сум јас. Што е сега важно што тој ја сака неа? Нели јас го сакав него? Ама што е сега важно кога мене и онака ме нема?

Monday, March 10, 2014

НОМАД

Ќе пораснеме, ќе созрееме. И се` ќе стане подобро. Се` ќе си дојде на своето место. И јас ќе го најдам своето место. А што ако не? Што ако не сакам едно и само едно место? Што ако сакам да бидам номад што вечно ќе се бара себе и ќе бара посовршено од совршеното? А совршено нема, не постои. Тоа што за тебе е убаво за мене воопшто не е во ред. И не сакам јас да завршам во некоја романтична приказна. Сите да ја гледаат таа идила, а никој да не ме гледа мене. Јас сум јас. Јас сум сама, не осамена. Јас не знам да бидам партнер. Не знам да живеам и да се будам до него. Не знам да постојам ако постојам за некој друг. 

Мене секогаш ќе ми треба таа една искра. Секогаш ќе ми недостига уште нешто малку. Ни сега не знам, ни тогаш нема да знам што. Ама ќе го барам додека постојам. Ќе го добивам попатно, ќе ми здосадува и ќе го отфрлам. И пак ќе отпатувам за да го барам. 

Со текот на годините забавата ќе се менува. Сите ќе се пронајдат и сите ќе застанат. А што ако јас не можам? Што ако немам сопирачки или не знам како да ги употребам? Понекогаш, додека одмарам од собирање на вредни и безвредни спомени, размислувам. Размислувам и гледам иднина во која останувам сама. Тоа ме плаши. Ми создава панично чувство. Ги насочувам мислите кон некој за кој вреди да се смирам. Се обидувам. И на крајот го повредувам. Јас не знам како. 

Чекам. Растам. А нели постепено треба да се променам? Тоа не се случува. Ни малку не сум променета од вчера, од минатиот месец, од лани... Кога ќе дојде тој момент? Нели не се случува одеднаш? 

Не ме фаќа место. И сега кружам низ собава од што не можам да седам. Сенка паѓа на подот од гранките крај прозорот. Ветрот дува и создава прекрасни шари. Седнувам да цртам. Десет минути. Ни толку. Не можам да седам тука, не можам да бидам ти. Не можам да бидам како вас. Вие не сте номади. Вие имате срца кои знаат да сакаат. Јас имам нагон за барање неволји. Секогаш најлошиот. Секогаш најнедостижниот. Не за да го сакам, не за да ми треба. Моите очи гледаат само задоволство. Никогаш психичко. 

И се плашам, и треперам. Не сакам да бидам како вас, но некогаш се надевам дека таква ќе станам. А што ако не? Што ако останам номад?

Monday, March 3, 2014

БАЛОН

Одлучив конечно да го пуштам. Ми здодеа да внимавам на него. Ми здодеа цврсто да го држам. Постојано бев загрижена да не ми избега. Кога ќе го внесев дома остануваше каде што ќе го оставев. Малку ќе го кренев погледот и тој беше тука. Некоја глава повисок, гордо лебдеше. Со својата става го допираше плафонот. И немо чекаше пак да си поиграм со него. 

А беше зелен. И веќе не толку нов. И го сакав. Му бев приврзана како тој што беше врзан за мојата рака кога излегував надвор. Ноќе фантазирав како тој лета во височините, а кога ќе заспиев сонував како и јас летам со него. Некогаш мислев дека јас не сум му доволна. Дека треба да го оставам да биде слободен. И така и се чинеше. Каде и да бевме, неговата глава секогаш беше високо. Највисоко што можеше да ја држи. 

Сега знам. Тој не ми беше доволен мене. Не беше доволно голем. И сосема беше зелен. И едноличен и здодевен. Тој не беше доволен за да ме понесе и мене со него. За да ме крене до небото и никогаш да не ме врати назад. Никогаш да не дозволи да паднам. Кога го врзував околу мојот нежен зглоб, јас всушност си врзував окови. Во тие моменти не можеше тој да лета, а не можев ни јас. Двајцата стоевме цврсто на земја, слепи за светот околу нас.

Сега знам. И затоа го пуштив. Во синото небо тој стануваше се помала и помала зелена точка. Ја кренав главата и замижаниот поглед го насочив кон него. Сега јасно можев да видам. Па тој беше празен! Толку горделив се искачуваше во височините, а беше толку празен. Којзнае дали можеше да ја почувствува слободата. Јас сигурно можев. Мислев дека ќе ми недостига, но заминувајќи, таа топка воздух ми го врати здивот. Залудно ја држев до мене. Јас воздух немав. Заборавив да дишам, заборавив да живеам. Постојано внимавав на него. Да не му наштетам, да не пукне. Да не го испуштам, да не одлета. Не знаев дека тоа ќе биде најубавото чувство на светот. 

До тогаш се` гледав во зелена боја. За мене тој беше единствен начин на постоење. Како што исчезнуваше во летното синило на небото, така јас го забележав жолтото сонце. Синото небо. Црвените рози. И се` доби смисла. Стана онака како што отсекогаш требало да биде. Затоа што тој беше само балон. Со една единствена желба. Лет кон височините. Без мене. И конечно леташе. Како што отсекогаш сакаше. Високо, горделиво. Сеуште сам. Сеуште празен. Засекогаш сам и празен.