Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Thursday, January 8, 2015

ЉУБОВ БЕЗ МАГИЈА

Ништо не е така магично. Се е, за жал, сосема логично. Вчера, денес, утре. Додека старите сеќавања не избледат. Додека старите рани не заздрават. Додека не почнеш да бараш нов залутан поглед да се сретне со твојот. И кога ќе го сретнеш да ти рече: зарем не е магично што се сретнавме? Магија е што се заљубив во тебе! А тој не знае дека ти намерно го бараше. Дека ако не беше тој ќе беше некој друг. Ако не друг, ќе беше некој сосема трет.

И јас некогаш верував во магија. И јас некогаш се потпирав на случајност. И јас еднаш мислев дека ѕвездите се наредени така за мене да ми биде убаво. И ако не ми е убаво за мене ќе се прередат. Но ете, се е логично. Кога веруваш во магично, логично е да ти се сруши светот на глава. Гледаш, логиката и тогаш постоела. Ама кој да биде доволно паметен за да ја послуша?

Ти не знаеш дека јас решив да пораснам. Не знаеш ни дека решив да не го дадам срцето. Дека отсега љубов ќе градам како што се гради куќа. Од темели. Нема да се заљубам во прекрасно поткровје ако тоа нема на што да се држи. Ќе те сакам, можеби, еден ден кога ќе ми дозволиш да ти погледнам во душата. Ама во онаа, темната страна. Кај стравовите, кај омразата, кај болката. Не врти со главата, сите ја имаме. Не одрекувај залудно. Ама ти, па ти уште живееш во светот на магичното!? 

Ти мислиш дека ме сакаш! Кажи ми, кога си ме видел како плачам? А знаеш ли колку чинии и чаши имам искршено кога сум била лута до болка? Знаеш ли како изгледам кога мразам и сакам истовремено? Не, ти ништо не знаеш. Ти не ја познаваш љубовта. Љубов не е кога некој те прави среќен. Љубов е да си среќен и тогаш кога тој не прави ништо за тебе. Љубовта не доаѓа во сончевите денови. Љубовта е најприсутна кога насекаде е бура. И не е љубов тоа што те држи за рака. Љубовта продира во тебе без да те допре. Љубовта постои ако е тука и кога ја нема. Ако те боли до коска кога не е присутна, а уште подлабоко кога е тука. Љубов е кога не мора да ја изустиш. Таа сама извира од сите пори на твоето тело...