Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Wednesday, April 23, 2014

ПОНЕКОГАШ

Понекогаш знаевме да разговараме со часови. Понекогаш најубавото чувство беше да се припијам до него во нема тишина. Да молчиме и двајцата, а се` да си кажеме. Понекогаш и небото зборуваше наместо нас...

Понекогаш сакав да го нема. Сакав да го мразам како да ми е најлош непријател. Секогаш го сакав. Секогаш му се радував иако се обидуваше да ме израдува само понекогаш. Премногу малку, премногу ретко. Понекогаш ќе ми донесеше насмевка на лицето. Понекогаш знаеше точно што посакувам и ги препознаваше моите скриени желби. Знаев и да му викам понекогаш. Знаеше и да не разговара со мене со недели. Да ме исклучи, како да не постојам. Но секогаш се враќаше. Колку само исплакав. Не само понекогаш...

И пак желно го дочекував. Понекогаш само за да му кажам дека веќе не го сакам. Знаев дека лажам. И дека се мразам и себе си и светот затоа што го запознав. Понекогаш ќе му затропав на вратата по полноќ. Ќе ме примеше како таму да припаѓам. Како да сум единствена што стапнала таму. А не бев...

И тогаш започна да го снемува. Понекогаш не одговараше на моите повици. И сега не знам дали е време да престанам. А помина толку многу. Исчезна во нов град. Можеби во нова држава. А јас навечер, само понекогаш. знам да ја облечам неговата маица. Понекогаш така и заспивам. Но неговиот мирис веќе го нема. Има само мои солзи. Зошто понекогаш знам и да заплачам. Само понекогаш...

Saturday, April 12, 2014

КАКО ЗА ДОБРО УТРО

Како за добро утро насмевни се еднаш. Како за добро утро и денот нека е лош ама ти насмевни се. Нека ти биде сеедно. Сеедно дали денес некој ќе ти направи лошо, сеедно дали ќе бидеш денес мрзелив или ќе завршиш се` што треба да биде завршено. Тие се најсреќни. Оние кои не ги вознемирува исходот на вчерашниот ден, ниту очекувањето на новиот. Биди и ти како нив. Како за добро утро направи си кафе по твоја мерка. И седни, испиј го со мерак. Како да немаш грижи, како да немаш обврски кои чекаат на тебе. Започни го денот со тоа што највеќе го сакаш, па нека е тоа и нешто што сите наоколу најсилно го мразат. За тебе гледај си. Најпаметно. Онака како за добро утро.

И за истото тоа добро утро пушти музика. До крај. Нека е и музика која ги тера соседите да ти заѕвонат на врата после првата песна. Нека е и музика која ти се чини дека само ти ја сакаш. Ама за твое добро. За твое добро утро. За твој убав ден. Не е за мене ден тој што не ми започнува јас како што сакам. Нели јас треба да го живеам и денов? Не залудно рекле дека денот по утрото се познава. Како за добро утро излези надвор по пижами. Нека те фати воздух. Најубаво е да се измиеш со утрински воздух. И нека врне, нека грми, бура нека биде околу тебе. Ама ти, онака како за добро утро, насмевни се уште еднаш. Немаат сите позитивна енергија, имај ја ти. Оди и истрчај се. Не мисли дека трчаш за да ги симнеш и последните 4-5 вишок килограми. Трчај си за душа. Мене ми е најубаво. И за добро утро влези под врел туш. Потроши ја цела топла вода и закачи си го цело семејство на врат во наредните 6 часа. Нека нема за нив. Ама за твое добро, за добро утро. 

Како за добро утро насмевни се еднаш. Впиј го денот со сите сетила. Само така ќе си го направиш убав. Нека е и бура, нека е и тежок ден што те очекува. Само ти можеш да си го олесниш. Онака, како за добро утро.

Monday, April 7, 2014

ВО ЗАБОРАВ

Викаат човечки е да се простува. Епа каков човек - нечовек сум јас кога после толку години не научив и не научив да ти простам? Можеби е до тебе. По една грешка за секој нов ден. Можеби е сепак до мене, по една солза за секоја нова минута. Човечки е да се простува, нели, ама јас одиграв сосема нечовечно. Наместо да ти простам, одлучив да те заборавам. Некаде далеку зад мене ги оставив солзите, некаде далеку зад нас остана и гордоста. Тоа што не ти простувам не е од гордост, не е ни од чашава вино. Тоа е дека не знам. Дека премногу време поминав со тебе, а ти не се осмели да ме научиш да простам. Затоа што тоа не го знаеше ни ти.

Не те паметам веќе како порано. Некогаш, многу ретко ќе сретнам некој што можеби мириса на тебе. Некогаш, многу ретко ќе го препознаам тој парфем. Ама не секогаш. Не секогаш се сеќавам на непреспиените ноќи кои ги минувавме заедно. Не секогаш си дозволувам да погледнам некого и да ги видам твоите очи. Не секогаш. Многу ретко.

Човечки ли е да се заборава? И дали јас навистина те заборавив? Ама кога не можев да ти простам, дали е заборавот се` што ми преостана? Знаеше ти, добро знаеше. Знаеше дека секој пат кога ме оставаше повредена, ме оставаше за чекор подалеку од себе. Дека еден ден ќе се разбудиш, а јас нема да бидам тука. Нема уште еднаш да премолчам пред твојот поглед и да затворам очи пред твоите лаги. Дојде и тој ден. И од тој ден поминаа и години. Јас се` што успеав да направам е да те ставам во заборав. Но иако не се сеќавам, душава ми знае дека не ти е простено. 

Не е ангелски од моја страна, можеби е дури и ѓаволски. Ама не. Не ме барај и не ми барај прошка. Ти ваква ме остави. Јас ваква тоа не знам да ти го дадам. Остави да те сонувам. Како бледа сенка без лице. Како трага од моето минато. Како ветар што ми ја бранува косата. Како ти што поминуваше со прстите низ неа. Уште тоа ми остана. Ама се обидувам. И ќе успеам. Ќе заборавам. Ќе ги избришам и последните капки од солзите по тебе. Нема да постоиш. Нема да те мислам. Онака како што нема ни да ти простам.

Tuesday, April 1, 2014

КАДЕ СЕ ПРИНЦЕЗИТЕ? (во чест на денешниов ден)

Ајде одиме сега со уште еден текст за љубовта, за пријателството, за чувствата... Априлилили! Не. Денес решив да пишувам за нешто спротивно од тоа. Па нели е први април, нели е денот на шегата? Може и јас да се пошегувам. Или, подобро речено, некоја вистина да кажам. Тоа се тие вистини, тие кои се кажуваат како на шега, а всушност се најдлабоките и најболните.

Денес освен што ќе се шегувате на туѓа сметка (како што и онака правите, само денес ви е и дозволено), треба и да се маскирате. Мислам, не дека треба, само ако сакате. Јас многу сакам. И едно нешто да ви кажам, да ви спомнам само, градник и танга не се маска бе душички. Јас на пример многу ги сакав годините кога бев во основно училиште. Се имав маскирано во се` живо, од пират до јапонска принцеза. Мајка ми, добро се сеќавам, беше навистина вешта во изработките. Еднаш во животот немам купено маска. И не е сега маска тоа што си облекла вртоглаво високи штикли, а деколтето ти е до стомак. Ти и онака си таква, само денес се надеваш дека нема да те покажуваат со прст. Не дека во други денови ти смета. Не дека ти е срам. А јас денес решив да седам дома. Сакав да се маскирам во нешто онака интересно и детско. Ама некако срам ми е. А не дека треба мене да ми биде. Ама како јас да излезам така маскирана, да се појавам во некое кафуле, кога околу мене ќе се вртат полуголи задници и ќе дречат црвени кармини. И како јас сега да одам како Пипи Долгиот Чорап? Епа не сакам! Ќе штрајкувам. Не дека на некој му е гајле. Сеедно. Одбивам да се претворам во проститутка или стриптизета. А и не знам дали треба и шипка да си понесам за да ја комплетирам маската. Плус тешка е, кој ќе ја влече. 

Немојте да ме сфатите погрешно, секоја чест на креативните и иновативни маски. Ама ги има, доста ги има од тие другите. Ќе седи девојката сега цел ден, ќе смислува што да се маскира, и на крај ќе смисли да оди полугола. Ништо поразлично од лани. Ама доста поразлично од полани, затоа што тогаш имала 13 години, па мајка и ја облекла во фустанче од Снежана, а браќата беа џуџињата. Е сега браќата пораснаа и се срамат да ја погледнат модернава Снежана, затоа што нивната 15 годишна сестра вечерва ќе биде мета на многу други машки погледи, а и не само тоа, а тие кутрите не знаат дали вреди да почестат некого со врели тупаници во чест на сестричката. Ма што зборувам, каква чест? Тој збор не оди во иста реченица со сестрава. Тоа никако.

Ќе помине денов, ќе се исполажете (и доста вистини ќе си кажете), ќе излезете вечер, ќе се напиете, ќе ви се размачка и карминот, и мачкините мустаќи, и зајачкото опавче ќе ви остане во нечија рака. Ама јас одбивам. Одбивам бе да прифатам дека ова се маски! И ако ова е новото време, зарем јас стара сум на 20 години што не сакам така да се „маскирам“? Каде се принцезите, Снежаните и Пепелашките, каде се џуџињата и каде е принцот? Нема принцези веќе. Принцези се само на мама и тато, кои изгледа не се запознаени со фактот дека нивната малечка пораснала одамна и тоа во погрешна насока. И дека вечерва јасно и гласно ќе го покаже тоа. Епа затоа нема ни принцови. Сите чекаат да им дојава на бел коњ. Па зошто тогаш се качувате во црниот мерцедес? 

Први април. Денот на шегата. Најубавите спомени од детството. Ама па јас не сум стара! Не сум дури ни возрасна како што треба. Сакам и денес така да се маскирам. Како мало детенце. Да одморам од секојдневните обврски за возрасни и да бидам принцезичка на тато. Што ви е на вас? Мора ли сите да бидете полуголи? Или денес ви е шанса да си бидете свои? Абе ајде, каде се принцезите?