Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Wednesday, December 25, 2013

ПРИКАЗНА ЗА МУДРИОТ ЧОВЕК

Еднаш еден мудар човек ми рече:
остави го, тебе повеќе ти треба.
Ќе помине многу време од тогаш,
но јас ќе се сеќавам како да е вчера.

И не беше мудар зошто го кажа
тоа што веќе ми тежеше во душа,
ниту пак јас помудра станав
од тоа што долго седев и го слушав.

Тој мудар беше од своето искуство,
од се` што видел, чул и знае.
И токму тоа му одеше добро
да даде совет долго што ќе трае.

Знаев да го слушам со срце и душа,
со поглед да го впивам секој збор негов.
Правеше да се соочам со самата себе
дури и во деновите кога од себе бегав.

Болеше многу, вистината боли,
но скршено срце не знае да лаже.
И затоа верував и немо и слепо
во секоја вистина што ќе ми ја каже.

Исповед имаа сите мои рани,
а тој ја знаеше оваа мака.
Поминал се` и се` видел,
беше човек кој умеел да сака.

Вистината не дојде ниеднаш ко поклон,
завиткана во свилена хартија од лага.
Знаев дека поминал низ сосема исто,
на лицето ја гледав истата тага.

Кога ќе го прашав среќен ли е сега
велеше: онолку колку што можам да бидам...
А знаев дека сакал со истата надеж,
во секој негов поглед можев да видам.

Ме советуваше како да се откажам од љубов
кога е јасно дека веќе нема да оди.
Беше огледало на иднината моја
и животот мој знаев кај води.

Не верував тогаш, а и не знаев многу
дека и друг можел така да пати.
Мислев љубовта на мојот живот
кога-тогаш пак ќе ми се врати.

А ете мораш да се откажеш од нешто,
тој мудар човек таков совет даде...
Што ти вреди љубов, кога немаш среќа,
што ти вреди сон, кога мирот ти го краде?

Тој мудар човек ми беше татко,
но тоа не беше по родена крв.
Не беше ни мајка, а сепак ми даде
мајчински совет топол и прв.

Знаеше што вреди во светов од лаги,
ми беше и другарка, роднина, сестра.
Ме научи како да бидам горда
и како до крај да ја зачувам честа.

Ќе завршеше мудро со пријателскиот совет,
ќе го прекинеше строгиот татковски говор,
и во неговиот топол мајчински поглед
тогаш ќе видев колку е добар.

Нема дозвола да правам што сакам,
слепа пропусница светот да го видам.
Ќе ми дадеше и благослов како од баба
и тогаш јас знаев што сакам да бидам.

И што заслужувам.
И колку вредам.
И колку среќа
и љубов ми треба.

Постоеше таков мудар човек,
родител и другар во исто време.
Не ми беше ни едно ни друго,
но на плеќи го носеше моето бреме.

И еднаш тој човек искрено ми рече:
НАЈДИ ПОДОБРО, ТЕБЕ ТИ ТРЕБА!
Не ми вети среќа, ни пак дека ќе сакам,
но тој совет го памтам како да е вчера...

Saturday, December 21, 2013

ЛОШО, ЗАР НЕ?

Не е толку лош како што се чини. Или како што кружат муабети. Или како што изгледа кога ќе се налути. Ама најверојатно никој и не е толку лош. Сите сме исти. За некој добри, на некој па не му одговара да биде во наше друштво. И ете, се зависи од твојата гледна точка. Предрасуди, погрешни мислења. А зошто? Зошто да му судам на некој пред да го запознаам? Кога за мене можеби ќе биде најдобар на светот. Можеби најлош. Можеби ќе ми биде сеедно.

За среќа или несреќа јас сум баш таква личност. Сакам се да видам со свои очи. На ништо не верувам од туѓиот збор. Сите лажат. Сите лажеме. Намерно, ненамерно. Свесно, несвесно. За своја корист, за туѓа штета...


И ете, ви велам, јас се сакам сама да си проверам. Сама да си дознаам, па дури и да згрешам, дури и да се покајам откако ќе се изгорам. Баш така и за него морав... Дали се изгорев? Па не знам. Ви викам јас секој има добра и лоша страна. Ама кај некои лошата страна е полесно да ја разбудиш. И не, не е тој без добро во себе. Напротив, можеби е подобар и од мене. Ама кога ќе му ја разбудиш лошата страна, е тогаш оди па успиј ја пак... А тоа е лошо, нели?

Monday, December 16, 2013

ЛУЃЕ СМЕ, ГРЕШКИ ПРАВИМЕ

Колку пати си застанала и си се запрашала, чекај што правам јас, во ред ли е ова, ќе се покајам ли утре? Никогаш, нели? Не се срами, де. И јас така одговорив на прашањево. Си го поставувам јас прашањево, да, и ти си го поставуваш, ама кога? Точно после секоја грешка. Доволно рано за до наредната грешка да заборавиш што си ветила, нели?

Абе тоа ти е животов... За кај се подготвуваш, малечка? Да? Пак кај него? Ако, ако, оди. Не бе срце, не грешиш. Што знам јас. Не можам јас ништо да те советувам, верувај. Ма истите глупости ги правам. Што дека сега сосема рационално размислувам, еден момент, абе само еден нека помине и нека заѕвони телефонов, ќе видиш. Додека да трепнеш ќе бидам спремна и веќе пред неговата врата. Или каде и да сака да бидам. Кога и да сака да бидам.

Подготвувај си се ти, остави ме мене. Не ме слушај. Ќе си одам јас сега. Само да ти дораскажам. Да ти го дообјаснам тоа што ни јас не го сфаќам. Значи секогаш, ама баш секогаш, и да сум најзафатена на светот. И да имам неодложна работа од која животот ми зависи јас ќе оставам се и ќе се појавам таму каде што му требам. Знаеш ли што е всушност проблемот? И тебе, и мене, и на сите други очите им светат покрај нив. Душата им гори. Срцето им чука. А зависни сме од тоа и ете не можеш од нешто што си зависен да не го правиш. Види ме мене со цигариве. Будала. Е за него сум уште поголема будала. Па сега ти замисли како ми е. 

Убава си, не се грижи. Не е дека ќе види што си облекла. Што знам, мојов забележува. Ама не се сите машки такви. Не им е ни гајле. Знаеш ли ти јас што правам бе? Замисли сега ти се јавува и ти вика за дваесет минути биди готова. А ти во пижами, косата несредена, ноктите неизлакирани. И кажи ми дали за некаков друг повод ќе го средиш тоа се за дваесет минути? Е нема... Ама за него си готова пет минути порано, изгледаш најдобро што можеш, а и подобро, зашто нели ти реков, очите ти светат. И тие пет минути го чекаш и се ти се чини дека доцни, а од друга страна па вадиш огледалце и си мислиш леле види ми ги веѓиве, а и косава ми е некако мрсна. А не дека ти е. И си велиш, ама па ако го одбиев сега, којзнае кога пак ќе најдеше време за мене... И се нервираш, се нервираш. Залудно. Ете тоа го правам јас. Што е? Се препозна? Ха! Знаев дека не сум единствена. Добро е. И грешка е. Сега не сфаќаш дека е грешка затоа што за половина час ќе го видиш. Тоа е тој период. Кога појма немаш дека грешиш. Ама утре ќе сфатиш. И нареден пат кога ќе те побара пак ќе заборавиш. Пак ќе се залажеш дека може има надеж да те сака како и ти него. Ништо бе маче, нема ништо од тоа...

Викна такси? Нели бе не фрлаше ти пари за такси до вчера? Косата ли? Е да, врне. Мораш да бидеш убава за него. Знам бе маче како е, знам. Ајде одам јас. Ако немам чадор, денес и онака нема кој да ме „сака“. Ха! Убав помин. Да не те изнервирав сега? Немој. Знаеш јас како се тешам? ЛУЃЕ СМЕ, ГРЕШКИ ПРАВИМЕ!

Sunday, December 15, 2013

ИЗВИНИ

Извини што го сакаш. 
Извини што те оставам да го чекаш сама по цела ноќ.
Извини што те боли.
Јас сум само една снегулка наречена љубов.
И копнеж. И мечта. И желба.
И се топам секоја вечер на твоето огнено срце.
Срце силно за сто срца. Срце полно за три живота.
Срце на парчиња, а види, уште чука.
Извини бе душо, извини за се.
Јас сум само облак што ти виси над клепките.
Де ги држам да не заспиеш, де ги притискам за да паднеш во сон.
Извини.
Сега сум несоница која ти шепоти за него,
в зори сум сон на крилја од надеж.
Извини што носам денови тага.
Извини што не знам да те утешам ноќе.
Извини што ти го давам кога најмалку го сакаш и ти го земам кога најмногу ти треба.
Јас сум само море од твоите чувства. Извини што се бранувам 
и здивот ти го земам.
Извини за секоја продорна рана.
Извини за вчера, извини за утре.
За се бе душо, за се извини!
Чиста сум пред тебе, ме знаеш ти добро.
Јас сум секоја твоја солза.
Ама за едно не згрешив само.
За едно не можам да ти кажам извини.
Тоа што си верна на оној што го немаш,
е за тоа бе душо виновна си ти!

Thursday, December 12, 2013

МОМЕНТ ЗА ПАМЕТЕЊЕ

Не се заборавал оној кој ти дал убави моменти за паметење. Како да не! Сум имала јас убави моменти на претек. Е сега да ме прашаш да ти раскажам некој од нив тешко ќе оди. Не е дека ништо не паметам ама искрено за мене вистински спомени се моментите со него. И не се сите убави, баш напротив. Најверојатно има повеќе лоши. Разделби, солзи, караници. А сите ги паметам како да беше вчера. Ама не беше вчера.

Лета времето. Јас со секој нов ден се појасно се сеќавам на него. Се мачам да се сетам на некој друг. На некој што ми дал среќа за паметење, радост за спомен, ама не оди... Само него го паметам. Секоја брчка на неговото намуртено лице ја знам. И најдетално ги знам тажните моменти...

Какво проклето суштество сум јас?! За мене и тагата беше среќа со него. Не им верувајте. Лажат кога велат дека убавите моменти се тоа што останува. Остануваат лузните, ете тоа останува! Останува да боли затоа што среќен ќе бидеш многу пати, за многу работи. Но тагата е една. Да те повреди може само оној кој ти значел до болка. И повеќе. Верувај ми. Вистински повреден ќе бидеш само еднаш. И тоа ќе остане момент за паметење. Верувај ми. Тоа е момент за паметење.

Tuesday, December 10, 2013

КАКО НЕКОГАШ

Умрев вечерва во твоите прегратки. Умрев во твоите очи. Умрев за да се разбудам на подобро место. На место каде што НИЕ постои. Каде што НАС е возможно.

Исчезнав за одново да се појавам некогаш. Кога утрото ќе биде среќа затоа што ќе се будам крај тебе. Кога нема да мислам каде си затоа што ќе знам дека си до мене.

Заминав вечерва на далечен пат иако останав до тебе колку што постоеше. Заминав во земјата на соништата остварени. Таму кај што ме чекаш со раширени раце, а не со студено срце и грутка лажна надеж.

Умрев вечерва во твоите прегратки. За да се разбудам кога тие ќе станат вистински и топли. За да се разбудам и повторно да бидам жива. Како тогаш. Како некогаш.

Monday, December 9, 2013

ДУША КОЈА ТРЕПЕРИ

Секогаш кога ќе го испратев земаше парче од мене со себе. Излегуваше низ истата врата, подеднакво студено ме прегрнуваше и само парчето што го откинуваше од мене беше ново. А мене ми стануваше се` потешко и потешко. Како да се разболував секогаш кога ќе го видев. Ми снемуваше здив, станував слаба и започнував незабележително да треперам. Душата да ми трепери. Рацете ми стануваа студени, телото отсутно. Само погледот со кој што го гледав ми гореше. Не можев да го изгаснам. И со тој поглед се губев во него. Во времињата кои ги паметам.

Времето кое сега го имам со него секој ден стануваше се` пократко и пократко. И како времето се намалуваше, желбата за него растеше. И се претвораше во желба - фантазија. Никогаш неостварена. 

Доаѓаше без да го почувствувам. Ќе го испиеше кафето, ќе испушеше неколку цигари и ќе ме напуштеше како да сум попатна станица за одмор. Зад себе оставаше траг од парфем, а јас одново се прашував како да го зачувам за да не избледи. Но не успевав. Никогаш. Го вдишував со полни гради, со срце широко отворено за љубов. И секогаш останував празна. Ама баш секогаш.

 Ми стана навика секој ден да се чувствувам болна. Дури и си мислев дека подобро ќе живеам без една рака, без една нога, па дури и без еден бубрег. Но не можев да се научам да живеам без делот кој го откинуваше од мене. Додека го чекав да дојде веќе размислував како ќе го пуштам да си оди. За мене тоа беше најтешкиот дел. Затоа што знаев дека се` што некогаш сме имале избледува секогаш кога тој ќе излезе низ мојата врата. Знаев дека и јас полека избледувам. Ништо не ми останува. Само едно скршено срце, празна надеж и растреперена душа.

Monday, December 2, 2013

ВРЕМЕ

И токму тогаш ја почувствував таа бездна помеѓу нас. И се запрашав каде си сега да ми речеш „ајде, бакни ме убаво...остани подолго, јас никаде не брзам.“ А тука си до мене исто како тогаш. Само сега не’ дели некоја чудна бездна. Како да сме заглавени во различни временски зони. Без врска... Што ако сега јас те замолам за истото како ти тогаш? Ќе добијам одговор, но нем одговор, одговор без зборови и без дела. Бездната не се прескокнува. Што ти вреди тоа кога не си се ни обидел? Што ми вреди мене кога залудно се обидувам, но со ништо не ја премостувам? Јас да не ја создадов случајно? Јас да не не’ доведов одново на почетокот кога бевме толку блиску до крајот? До среќниот крај...

Знаеш ли ти уште колку ќе ни треба за да стигнеме пак таму каде што бевме? Не знаеш. Јас знам. Ќе ни треба токму онолку време колку што немаме. Секогаш е така. Времето го нема кога највеќе ти треба. Кога најдобро можеш да го употребиш. Времето тече, се’ се менува, а сепак е далеку од доволно. И брзам, брзам, а тоа забрзува пред мене. Ти забрзуваш пред мене. Долги, долги чекори. Како да ме надрасна. Како да ме надмина. Како да не ти е грижа што толку ми недостигаш. И како бездната да е црна дупка, па страв ти е да ја прескокнеш. Можеби е...

А знаеш ли, мислам дека моето време и твоето заедно би биле сосема доволно. Доволно време пак да те имам и ти пак да ме имаш мене. Ама не. Свесно или несвесно ти го трошиш некаде далеку. Не толку физички далеку, всушност. Но што ако седиш на половина метар од мене кога гледаш на спротивната страна. А не ни сфаќаш дека тоа го правиш. Ќе се освестиш ти, ќе се освестиш кога ќе биде доцна. Затоа што моето време со тебе тече и се троши, а твоето време со мене скоро и да не постои.

И седам јас така спроти тебе и размислувам. А ти ме прашуваш што ми е. Добро е, сеуште забележуваш кога нешто ми недостига. Штета што не забележуваш дека тоа си ти. И твоето време. Барем дел. Дел од тебе, дел од твоето време и јас ќе бидам комплетна. Но што можам да направам кога бездна се простира меѓу нас, а изгледа јас не сум доволна за да стигнам до тебе? А и немам веќе време... 

Sunday, December 1, 2013

ШОЛЈА ЧАЈ

Седам и си мислам. Што да правам сега кога сите зборови ми се потрошија? Ете, можеби за ништо немав храброст ама барем имав инспирација да пишувам. И така се ти кажав. Со секој напишан збор. И секоја реченица што ќе ја прочиташе ти знаеше дека е уште една исповед за тебе. Иако не знаев дали читаш или не, јас сепак пишував и не чував ништо за себе. Си олеснував колку можам повеќе.
Ама еве сега седам со молив во рака и дрвени боици расфрлани околу мене. Од кога пишувам на хартија? Знаеш дека пишувам на онаа глупава тастатура што толку ме нервира кога тропа под моите растреперени прсти. И знаеш дека пишувам додека очите не ме заболат од светлината на мониторот. Додека не ме разбуди светлината на утрото што се буди од прозорот позади мене. А сега не можам две реченици да склопам. Седам со милион листови хартија наоколу и бесцелно цртам. И бојам. Пак до самата зора. Се обидувам да се испразнам, но тоа никогаш не е доволно. И додека тоа го правам сакам душава да си ја удавам во шолја чај која одамна ја изгубила топлината, а и вкусот. Како што јас ги изгубив зборовите. Баш сега кога собрав храброст да ти зборувам, јас седам и молчам. Баш кога зборовите ми станаа најсилно оружје, но и најбезбедна заштита. 

И цртам. Не знам ни што цртам. Што ќе ми дојде. Луѓе, сенки, лица. Предмети без значење. И си помислувам дека и ти губиш значење, дека заборавам да мислам на тебе. Ама потоа сфаќам дека не сум ни престанала. Ама залудно. Јас зборови веќе немам. Не можам да ти кажам ни колку те сакам. Ни колку те мразам. Ни колку ми недостигаш. Ни колку сум благодарна што постоиш. Знаеш ли како што сум празна? Како оној дел од ноќта, оној момент точно пред да настапи зора. Замисли таква ноемвриска ноќ. Празни улици, празен град, празна душа. Празен живот. Празна е и шолјава за чај. Ќе си направам уште. Ти не знаеш колку е празно се наоколу кога не можеш да се отвориш и да викнеш. Ме притиска празнината. Никогаш не знаев дека празнина може толку да тежи. Мислев ќе избледи. Ама не избледува.

И сега само се молам наредната голтка чај да ми ја разбуди инспирацијата и пак да напишам нешто што можеби и нема да го прочиташ. Но инспирација нема. Палам цигара по цигара. Цртам. Заборавам дека постојам. Заборавам дека оваа кутија од четири ѕида има прозори. Наместо тоа седам во маглата од последната цигара и истовремено палам нова. Си мислам дека ако сега седнам да напишам нешто можеби ќе успеам. Но ова е се што можам. Зборовите се тука, а не сакаат да излезат. Ги бркам, ги ловам, но не можам да ги фатам и онака нервозно да ги истурам на тастатура. Секој ден се будам и се обидувам ама ништо. Залудно. Шолја чај, кутија цигари и нов цртеж. До кога вака? А ти барем знаеш колку сакам да пишувам. И се надевам дека знаеш и што сакам да ти кажам. Затоа што да го напишам очигледно не можам. Што да ти кажам, читај меѓу редови. Најверојатно ова е навистина се што можам. Освен што можам да цртам и да пушам. И да испијам уште една шолја чај.

Thursday, November 14, 2013

СЕГА И ЗАСЕКОГАШ


Ако морам да ти ветам едно нешто, тогаш знам што ќе биде тоа. Знам што сакам да исполнам. Знам од што никогаш нема да се откажам. И кога ќе бидеш илјадници километри далеку, и кога твоето лице ќе го гледам само на слики, јас ќе ти ветам дека ќе останам. Ќе останам да чекам спомените да се повторат. Ќе останам да стојам како сенка што го следи сеќавањето на тебе. И ќе ти ветам дека ќе паметам како мирисаш и како одиш и како седиш... И како ме гледаш и како ме допираш. И ќе паметам како паметиш. Како никогаш не заборави на мене. Исто така ќе се сеќавам и јас.



Денот кога тоа ветување ќе биде побарано од мене јас ќе се откажам од се. Ќе се откажам од својата душа, ма ако треба и на ѓаволот ќе ја продадам за да не заборавам. И секој ден почнувајќи од тој момент ќе се движам по стапките на сеќавањето за тебе. Ќе продолжам да се менувам, но ќе останам иста. Ќе продолжам да растам, но ќе останам малечка. Токму онаква каква што сакам да ме знаеш. И да не ме заборавиш.



И ќе ти ветам дека нема да постојам додека те нема иако знам дека не го сакаш тоа. Иако сакаш да продолжам како ти што ќе можеш. А јас ќе се трудам да бидам своја и твоја во исто време. И не, не е тешко да бидам твоја. Тешко е да останам своја кога без тебе и не сум...



Кога ќе бидеш илјадници километри далеку, јас ти ветувам дека ќе останам. Ќе стојам таму каде што ќе ме оставиш. Ќе изгледам така како што ме паметиш. И ти ветувам дека ќе те чекам. Ќе бидам секогаш твоја. Твоја сега и твоја засекогаш.



Tuesday, November 5, 2013

ЕДЕН ПОГЛЕД, ЕДНА НАСМЕВКА


Сите сме слаби на еден поглед и една насмевка. И истите тие се погледот и насмевката кои не прават најсилни. Сите си даваме ветувања кога сме најслаби. Дека нема да ни се повтори. Дека нема веќе да се препуштаме на љубовта толку наивно. И истите тие ветувања без размислување ги кршиме кога мислиме дека сме најсилни. Тогаш кога мислиме дека можеме да се справиме со последиците. Но зарем не се тие последици она што не враќа повторно назад? Прави повторно да бидеме најслаби. И одново да си ветиме. И така се во круг...

Секогаш кога ќе го видиш го бакнуваш како да е последен пат што го правиш тоа. И го сакаш како да е прв. Го сакаш како да не знаеш дека ќе те скрши. На милион парчиња ќе се распадне твојата душа. А ти ќе ја собереш, составиш и ќе одиш пак да го бакнеш како за последен пат. Седиш и се прашуваш: „Ако секогаш го бакнувам како да е разделба, како ли ќе го бакнам кога навистина ќе биде? Како ли ќе му кажам дека го сакам, кога веќе тоа му го кажав и згрешив?“ А ти не згреши што му кажа. Повеќе згреши што никогаш вистински и не му покажа. Што се криеше зад маската на силна девојка и не дозволи да допре до тебе. За сега да се отвориш кога веќе е предоцна и кога е време за крај. 

Грутка во грлото. Голема и тешка. Солзи во очите, солзи во срцето. Посакуваш да можеш да го вратиш времето. Барем до пред да го засакаш. Барем до деновите кога беше среќна и рамнодушна на се што се случува. Иако повеќе би сакала да го вратиш до денот пред да се запознаете. И да направиш вашите патишта да се разминат. Сосема случајно. Сосема вистински. Но боли и помислата да го нема во твојот живот, зарем не? Упорно ја бараш грешката, а не можеш да ја најдеш. Можеби и немаше грешка. Можеби бевте на погрешно место, во погрешно време. Сега тоа нема да го дознаеш. 

Сите сме слаби на еден поглед и една насмевка, гледаш ли? Ти еднаш си вети дека нема да бидеш таква. Го прекрши ветувањето, гледаш ли? А што сега? Па ништо, ќе го гледаш како чекор по чекор заминува. Потоа ќе броиш месеци, години и нема ни да забележиш како спомените станале бледи. Ама тоа секогаш ќе ти остане. Една младост, една љубов. Една среќа неостварена. Жарче што никогаш нема да згасне. И ќе чека на повторна средба.

Sunday, October 27, 2013

НИКОГАШ МОЈ

И тогаш во тој момент јас знаев дека никогаш нема да го имам. Дека можеби ќе биде мој, но никогаш само мој. И дека секогаш ќе го делам со уште една, две или повеќе девојки како мене. Паметни, убави. Доволно добри да имаат кого и да посакаат. Доволно лоши да го посакуваат само него. И не беа тие виновни, никогаш не беа. Јас не ги обвинував иако можеби тие се обвинуваа самите себе. Како јас тоа што си го правев. Да, признавам. Сама си бев виновна, сама го спуштив гардот и дозволив тој да владее со мене. Но зар не би го направил секој тоа? Не би владеел ли ако му се дозволи? 

Беше таков момент во кој сфатив дека направив грешка која никако не можам да ја поправам. Никогаш не можам да се вратам назад. А и да се вратам којзнае дали нешто би променила... Не е ни толку важно што му дозволив да биде таков. Тој таков од секогаш бил. Важно беше што јас се вљубив толку силно, толку бескрајно, како што никогаш не сакав да ми се случи. И никогаш не требаше да ми се случи. Зошто бев слепа цело ова време, зошто не знаев дека вака ќе биде? Па нели јасно ми беше кажано дека тоа е тоа, дека планот е емоциите да останат исклучени? Тогаш што ме натера да ги вклучам и да го предизвикам ова слепило? Уште подобро прашање е што е тоа што ме освести токму сега? И зошто толку боли?

Се чувствував како истовремено да ми се лизгаше од рацеве, но и како да знаев дека никогаш не сум го ни држела. Си мислев дали знаат и другите дека е вака, дали се свесни дека нема никогаш да можат да го наречат свој. Дали јас сум првата што тоа го сфаќа или сум само уште една од низата? Паметни, убави, успешни. Која од која. Конкуренција на ниво. А тој не ни мораше да се труди да избере. И онака ги имаше сите. Зарем така му беше полесно? Зарем тој никогаш не чувствуваше среќа, тага, болка покрај нив, покрај мене? И како ли му успеваше тоа? 

Некогаш и јас бев таква. Емоциите исклучени и играта можеше да започне. И убаво ми беше, признавам. А и добро ми одеше. Се додека не се појави тој и ненадејно се се промени. И тогаш во тој момент јас знаев дека ако сакам тој може секогаш да биде мој. Но за жал, никогаш само мој. А веќе не знаев дали можам да продолжам да го делам...

Thursday, October 24, 2013

ЧОВЕКОТ ШТО ГО САКАМ

Кој си тогаш ти ако не си човекот што го сакам? Која е оваа силуета што ја гледам, а не ја познавам? Затоа што ако јас не те препознавам, кој друг треба да те препознае? Кој друг може да каже дека знае како дишеш и која насмевка што ти значи? И кој поглед на што се однесува? А ти сега стоиш пред мене и ми кажуваш дека не си тој. Ме гледаш во очи со поглед што вознемирува, со толку плиток поглед што сепак ме допира толку длабоко. Ме гледаш и изговараш зборови, реченици што не ги слушам. Што не сакам да ги слушнам. Затоа што тие не се вистината што ја знаев, вистината во која верував.

Стоиш толку мирно. Изгледаш толку студено. Како прв пат да те гледам ми се чини. И секој глас што слушам како го изговараш ми удира во срцево како гром од ведро небо. Толку неочекувано. Исто толку силно. Пред очи ми поминуваат слики. Година. Две. Три. И само убави слики. Само убави моменти. А јас како што ги гледам се мачам да ги здогледам и во тебе. Да здогледам светлина. Надеж дека некаде во ова студено тело е истата душа. Истото срце што го сакав. И за кое верував дека ме сака.

Милион и едно прашање во мојата глава. Кога? Како? Зошто? Дали е можно ова да се случува? „Па ти ме сакаш!“ - сакам да викнам. Ама се плашам дека до моите уши ќе допре само ехо. Празно. Бесчувствително. Зарем не можеше да избереш подобар начин да ми кажеш дека љубовта згасна? Зарем не можеше да ми дадеш време да се подготвам? А не сега да изгледам скршена пред тебе. Скршена и психички, скршена и физички. Мртва однадвор, мртва и однатре.

„Кој си тогаш ти ако не си човекот што го сакам?“ - единственото прашање што знам дека ќе остане со векови во мене. Се друго ќе избледи. И ќе престанам да се обвинувам себе и ќе престанам да се прашувам зошто. Знам дека ќе биде така. Но сега, додека стојам пред тебе и полека исчезнувам во моментот, сакам само да знам дали се беше лага. Дали се беше голема сцена со одлично одиграна театарска претстава на неа? И кој си ти ако не си човекот што го сакам?

Tuesday, October 22, 2013

ТОГАШ ТЕ НЕМА

Тогаш е мрачно и црно и празно
и ноќ е долго, од утро до зори.
Тогаш боли и бескрајно пече
и бескрајно тежи и бескрајно гори.
Тогаш е тага и светот е празен
и како да немам ни срце ни душа.
Тогаш е кошмар без будење, вечен,
како да нема кој да ме слуша.
Тогаш е место најсамотно на светов,
место без надеж, без љубов и среќа.
Тогаш сум ништо и немам јас никој,
никој зад аголот што ќе ме чека.
Тогаш е јама со дно што го нема,
чинам бескрајно кон пеколот паѓам.
Тогаш е небото тешко ко камен,
колку и да чекам ѕвезда не се раѓа.
Тогаш те нема, заминат си веќе
бараш и ти нешто за себе.
Тогаш ме нема, ќе заминам и јас
и онака не сум ништо без тебе.

Sunday, October 20, 2013

ПОГРЕШЕН ЖИВОТ

Цел еден живот ме дели од тебе. Ни помалку ни повеќе. Цел еден погрешен век. 

Знаеш дека постои тој свет, нели? Паралелен универзум во кој ѕвездите сјаат за нас и секоја ноќ е наша. Свет во кој припаѓам во твоите раце. Таму каде што и треба да бидам. Ама не тука. И не сега.

А знаеш дека би побегнала со тебе. И од сон да ме разбудиш не е важно. И онака секој сон е за тебе. Ама не е дојдено времето. Не е ни вистинското место. Друг свет чека на нас. Таму во тој свет ќе се сретнеме. Чекај ме. Под најсветлата ѕвезда. Или јас ќе те чекам. Или ќе стигнеме во исто време. Кога? Не знам кога. Само знам дека некогаш ќе се случи. Затоа што нашите души така се создадени. Да лутаат низ просторот и да се најдат. Да припаѓаат заедно. Во некој друг свет да се препознаат. Ти ветувам. Вети ми и ти мене. Нема да плачам. Ова не е збогум засекогаш. Не е дури ниту збогум. Знаеш што би било посоодветно? Добра ноќ. Ете тоа ќе ти кажам. Добра ноќ. Како да ќе се разбудам утре и ти ќе бидеш првото нешто што ќе го видам. Знам дека нема. Ама јас ќе си замислам дека се е кошмар. Сето време што ќе го поминам без тебе. И тогаш кога ќе се сретнеме, таму каде што ќе се сретнеме ќе знам дека конечно сум будна. Ќе исчезне сета болка од нашите лица и тагата од нашите очи. Конечно ќе бидеш само мој и јас ќе бидам само твоја. Во свет во кој судбината се исполнува. Затоа што нас ни е судено да бидеме заедно. Имај трпение. Уште само еден погрешен живот.

Wednesday, October 9, 2013

КУПЧЕ ЛАГИ

Е горчи брат. Сите лаги така горчат. Не туѓите, тие ќе ги проголташ затоа што ти се подметнати, затоа што не знаеш за вистина. Твоите лаги горчат. Горчат кога изговараш збор по збор и за секој од нив знаеш дека можеби е вистина во некој паралелен универзум. Но тука не. Никако. Тешко ти е да го поднесеш тој горчлив вкус, а ете си пак тука. Дојден за да излажеш. Дојден за со сила да се натераш да веруваш во нешто што не постои. Никогаш не се случило и никогаш нема. Можеби стоиш пред нејзината врата ама не ја лажеш неа, брат. Верувај. Мислиш ако стои на прагот во пижами, ги слуша твоите приказни и те гледа со тој невин поглед, дека неа и горчи? Не... Може е женско, може е љубоморна и може не ти верува ама сега за сега само ти си тој што ја вкусува горчината. Затоа што колку и да се сомнева таа не знае дека ја лажеш. Не со сигурност. Ама ти знаеш. И кога ќе проголташ и ќе го преболиш вкусот, е дури тогаш почнува страшното. Во твојата утроба се. Лаги. Купче лаги. Ги кажуваш за да ги изнесеш од себе, а тие само подлабоко се вгнездуваат и почнуваат да те сечат. Како илјада гладни птици да те распоруваат однатре со своите остри канџи и клунови. Лошо, многу лошо...

Е боли брат. Сите лаги така болат. Твоите, твоите. Болат и туѓите, не дека не болат, ама тие болат во иднина. Твоите се тие што болат сега. За иднината не вреди да се нервираш уште од сега. Ама сегашноста... за сегашноста треба да бидеш загрижен. Лажеш и свесен си за тоа истовремено. Сега. Тоа е тоа што боли. Јас зошто лажам? Ме знаеш, брат. Да де, и мене ме боли, и мене ми горчи. Ама што да правам? Таква сум. Такви сме. Некој мора и тоа...

Saturday, October 5, 2013

КАДЕ ШТО НИКОГАШ НЕМА ДА ТЕ НАЈДАМ


Останав уште некое време, знаеш, колку да почекам, да видам да не се вратиш случајно. Некое време...да речеме пет минути, десет. Можеби половина час, час најмногу. Не знам ни јас... Не знам ни зошто чекав кога зад тебе јасно се чувствуваше траг од гордост што покажуваше дека шансите да се вратиш речиси и не постојат, а и веќе почна да врне. Немав чадор, немав среќа, немав ни љубов. Како гола да стоев на дождот. Како да чекав да ми го измие лицето и да ги замагли трагите од солзи еднаш засекогаш. А се што беше замаглено беа моите очи. Како и секогаш, главата горе, а самодовербата сепак толку ниско. Ах, што ми правеше, физички цветав, а психички бев како скршена гранка со еден овенат лист на неа. Надеж за пролет. Глупости. Наоколу само сивило. И не знам, најверојатно станало доста студено, затоа што по некое време не си ги чувствував ни рацете ни нозете. Стоев ама не стоев, гледав, а не догледував. Како што поминуваа луѓето брзајќи да се засолнат од поројниот дожд, така јас го гледав твоето лице. Во секој од нив. Од време на време некој ќе ме погледнеше и мене, најверојатно прашувајќи се што правам на овој дожд и дали сум полудела. А јас знаев дека сум полудела уште многу одамна. По тебе. По нас. Немаше "нас". Можеби и никогаш немало...

Мокра до кожа си го разбудив разумот и полека тргнав некаде. Да се тргнам од дождот? Не. Да се тргнам од срамот. Од што ли се срамев кога ти си тој што требаше да се засрами што ме остави без збор? Ама ете, таква сум ти јас. Се срамев од сопственото срце, од сопствената љубов. Од потребата искрено да те сакам и од тагата што никогаш не ми возврати. Студ ми беше навлегол во коските, а јас се тресев како мало стебленце на ветрот. Капки ми се тркалаа по мократа кожа и се слеваа по облеката. Ништо од тоа не беше важно. Знаеш ли каде тргнав? Па јас тргнав да те барам. И не на нашите места затоа што ти и нив ги напушти. Не знаев каде, само одев. Си мислев ако не ме сакаш барем ќе го цениш тоа што се трудам...


Знаеш како заврши тој ден. Единственото нешто за кое се потруди беше да се скриеш толку добро што ни срцето кое те сака нема да може да те најде. И не те најдов. А ти знаеше дека те барам. И зошто си сега тука? Па помина многу време... Не, не го сакам како тебе. Никој никогаш нема да сакам така. Но знаеш ли што? Тој ме сака така. Така силно, а истовремено толку невино како што јас некогаш умеев да сакам. Да го отфрлам тоа за твојата... Ма каква љубов?! Не знаеш ти ни што е тоа... Доцна е, оди. Не знам, оди таму каде што беше тогаш. Таму каде што не можам да те најдам. Не ни мораш. Јас веќе не сакам да те барам...

Thursday, September 26, 2013

ЗБОГУВАЊЕ

Те имам помалку отколку што ти ме имаш мене. Зошто е тоа така ни сама не знам, не знаеш ни ти. Дали толку си спремен да даваш или ти даваш повеќе отколку што јас можам да примам, кој знае... Ми доаѓаат некои мисли во главата, некои моменти во кои си мислам дека ми е доста од се. Дека јас сакам, а и заслужувам нешто повеќе. Но од кој да го барам тоа? Што ако не можам да примам доволно од тебе? Како тогаш ќе можам воопшто да примам нешто од некој друг? 


Со едни мисли заспивам, со други се будам. Велат утрото е помудро од вечерта, но што е тоа важно кога вечерва моите мисли се различни од оние од синоќа, а можеби исти со оние што ќе ги имам утре вечер. Никогаш не се знае. Единствени моменти кога не мислам на црниот облак кој можеби доаѓа и носи бура се оние скапоцени моменти што ги минувам со тебе. Зошто скапоцени? Па знаеш, дијамантот е скапоцен затоа што е редок, исто и златото, бисерот... Така и нашите мигови. Скапоцени онолку колку што се ретки. Значи многу скапоцени. Ти велам јас дека те имам помалку отколку што ти ме имаш мене. Да е до мене, цела душа, цело тело, во секој момент, со целото свое битие би била со тебе. Како мислиш НЕ? Не сум му дозволила на никој да има има толку? Никогаш не сум била таква? Заборави го ти тоа... Ме знаеш мене, секогаш ти се враќав. После секое разочарување и препрека на која наидов. Знам, знам. Сега гледам колку звучи лошо. Како да си ми некоја глупава резерва, back up plan, што би се рекло. Ама не е така. Ти се колнам дека не било и ветувам дека нема да биде. Ако се лутиш, зошто тогаш ме прифаќаше секогаш кога со наведната глава и подвиткана опашка ќе дојдев да те искористам како рамо за плачење? Затоа што знаеш дека не е така. Ти беше и остана и над нив и пред нив. Тие беа утехата, не ти. Утеха од што, ме прашуваш. Од тебе. Затоа што мене ме боли и она што го правиш и она што не го правиш. Стравот ме боли мене. Дека ќе те снема и никогаш повеќе нема да те има. Не можам јас тоа... Затоа мене ме снемува од време на време. Затоа што знам дека тебе ако те снема веќе нема да се појавиш. Што ќе имам јас тогаш? Една слика ќе немам во рамка да ја ставам. Ќе ги имам спомените, ќе ги имам песните ама на кој ќе ги раскажувам? Кој мислиш дека ќе ме слуша да раскажувам за тебе додека те нема, кога тебе ќе те нема засекогаш? Една цела вечност. Вечност. Го мразам тој збор. Тага некоја чудна ме фаќа кога некој ќе го спомене. Како да знам дека вечност не постои и како да чувствувам дека крајот на таа моја желба за вечност доаѓа утре. Или задутре. Не е важно. Доаѓа многу скоро. И се на што ме асоцира вечноста е времето кое ќе помине додека те нема. Не е дека нема да чекам. Ќе чекам јас и по вечноста, многу по неа. Ама ако сега те немам доволно, тогаш нема воопшто да те имам. Залудно ќе биде се. Ме разбираш ли? Разбираш ли сега зошто се оддалечувам понекогаш? Затоа што единствен начин да ти бидам поблизу е ако се оддалечам. Не постои ниеден друг. Ете, сега се навикнав да ми недостигаш. Дури и тогаш кога лежам на твоите гради будна сонувам како ми недостигаш. Не знам веќе дали нешто друго чувствувам. Не ми е ни важно. Јас всушност би сакала да знам што ти чувствуваш. Ама што да правам, таков си. Никогаш нема да кажеш. Којзнае дали ќе кажеш на некој друг, мене сигурно нема. Може затоа мислам дека ме имаш повеќе отколку јас тебе. Не е дека јас сум нешто зборлеста и ти изјавувам љубов ама од очите можеш да ми прочиташ. Отворена книга сум ти јас, не сум како тебе подвижна мистерија...

Не знам што да ти кажам друго... Ти ја бараше оваа глупава... како да ја наречам... исповед. Гледаш, ти забележа дека нешто ми се случува. Ти знаеше дека морам еднаш да се испразнам и да го кажам ова. Значи, во право сум, од очиве ми се чита. Не плачам, добро сум од прашината е тоа... Извини. Не е важно. Ах, извини де, знам дека не сакаш да се извинувам... Се знам јас. А пак не знам доволно. Сега да ти речам ти да ми кажеш нешто, што ќе добијам? Една реченица, две најмногу. За момент заборавив дека ова е збогување. Што треба да ми кажеш? Не вели дека ќе се видиме, не се знае тоа. За една недела може се да се смени камо ли за... Не сакам ни да изговорам... Ајде одам сега. А ти...не знам...имај убав живот!

Tuesday, September 17, 2013

СЕ НА СВЕТОТ

Тогаш доаѓа момент кога добиваш се, ама баш се на светот. Како сите соништа за подобар живот од секој човек на планетава, да решиле да се остварат баш во твојот живот. Толку е совршено. А луѓето ти велат: „Какво е ова незадоволство, биди благодарна, па ти имаш се!“ Но не, не знаат тие. Ни колку боли, ни колку е празно. Колку е најпразно кога имаш се, освен единствената личност со која сакаш тие соништа да ги споделиш. 

Тогаш доаѓа момент кога се затвораш на некое темно место, а ги оставаш надвор сите успеси и достигнувања. Како да велиш: „Земете, послужете се!“ Затоа што тебе и не ти требаат. И почнуваш еден по еден да ги исклучуваш сите останати. Да бришеш еден по еден сон, да се откажуваш чекор по чекор наназад. Желба по желба помалку. И пак ти е многу, како да имаш некој огромен суфицит на успеси. А ти се прашуваш како ли ги постигна и што да им правиш сега. Несвесно си се трудела. Си се претворила во робот кој механички извршува задачи. Робот со еден единствен човечки дел. Единствено срце и една единствена личност во него. Целата таа машинерија, целата физичка, психичка сила ја потроши за да успееш. На крај успеа во се освен да го задржиш на своја страна. Да го имаш на својата перница како човек, не како изветреан траг од парфем. Сега се обвинуваш себе си што не успеа да ја извршиш таа „тешка задача“. Но размисли. Дали воопшто требаше да биде задача? Дали љубовта е достигнување на една личност или пак треба да биде обострано задоволство? Кога веќе постигна се друго, држи се до тоа. Држи се цврсто, девојко! Излези од тоа темно место и продолжи да чекориш. Затоа што зад аголот е личност која не претставува никаква цел. Зад аголот те чека оној со кој заедно ќе чекориш кон целта. И ќе имаш се на светот.

Friday, September 6, 2013

ПОЛОВИНА

Ако никогаш повеќе не се појавам да знаеш која е причината. Да знаеш зошто ме нема. Па ти ме остави на половина. Половина душа, половина срце, половина човек. Тогаш, сега и засекогаш. Ете затоа немам веќе сила. Не можам пак да застанам пред тебе, да паднам на колена и да молам. Премногу рани се тоа. Толку многу што болката не се издржува. А сакав да правам се за тебе, верувај ми, многу сакав. И многу правев. Но ти никогаш не возврати онака како што треба. Онака како што мене ми требаше. Имавме и среќни моменти, не велам дека ги немавме. Ги имавме и оние убави денови вредни за сеќавање. Но во сеќавање останаа и сите мигови на тага. А јас не можам да ги избришам.
Колку пати одеше и колку пати одново се враќаше. Колку пати направи да се затворам во себе и да не пуштам никој друг. Само тебе. Секогаш кога ќе се јавиш. Секогаш кога ќе посакаш. Се потрошив. Се троши љубовта, верувај. Ти си виновен. Го помниш ли оној последен пат кога излезе низ таа проклета врата и им заврте грб на моите солзи? Ете тогаш. Тогаш се потроши. 
Јас сеуште те сакам, само веќе немам што да ти дадам. Затоа не се прашувај зошто ме нема. Знам, прв пат ќе ти биде ти да чекаш. Но тоа веќе и не е нашето место. Таму се среќаваа некои други луѓе, таму чекаше некоја друга јас. Ја знаеш ти добро причината. Знаеше многу добро кога ми зема се што имав. И ме остави на половина. Половина срце, душа. Половина човек. Тоа веќе не е доволно.

Saturday, August 31, 2013

ПОИНАКУ

Очекував да биде поинаку. Будала! Ама тогаш кога ме погледна со тие длабоки очи беше како прв пат некој да ме гледа. Како да сум живеела во мрачна кутија и никој никогаш не ме гледал. И одеднаш се појави тој и ми погледна право во душата. Право во длабочините на моето постоење. Тоа е како...како да гледа се што чувствуваш. Ги гледа пеперутките во твојот стомак, ја гледа песната која се излева од твоите усни. И покрај него и ти можеш да видиш. Во сите бои. Дури и во бои кои не си знаела дека постојат. За прв пат. Единствен пат.
Тогаш среќата се насели во мојот дом, во секоја просторија на моето срце. Немаше огради, немаше ѕидови. Како цел свет да беше мој. Бескрајно мој. Затоа и мислев дека ќе биде поинаку. Знаеш кога нешто доживуваш за прв пат и се чини толку перфектно? Мислиш дека гледаш се а слепо се држиш само за него. Требаше да знам дека е премногу добро за да биде вистинито. Ама од каде да знам?! Па јас само сакав да бидам среќна. Ги сакав тие очи само за себе. Залудно...
Денес е нов ден. Го започнувам како и обично - кафе и цигара. И истурање на сите емоции на хартија. Што да правам, таква сум. Само, денес не е обичен ден. Денес е прв ден откако се скрши мојата илузија. Уште колку пати ќе треба да бакнувам жаби за да стигнам до принцот? Ма каков принц... Бајки, глупости... Очекував да биде поинаку. Будала!

Monday, August 26, 2013

МРАЗАМ ШТО ТЕ САКАМ

Јас сега морам да одам. Доцна е. Предоцна. Ништо од ова не требаше да се случи. Проклети планови! Никогаш не се остваруваат. Ништо не е како што треба да биде. А всушност како ли треба да биде? Не знам... Не можам. Не, не, време е да ме пуштиш. За мене се ова премногу емоции, предлабоко сум во оваа врска. Не е врска... Толку е без врска... 

Не знам јас да сакам, ме знаеш. Сите глупости ми ги знаеш, знаеш се што сум направила. Сите грешки мои ти се познати. Некои дури и ми помогна да ги направам. Па да де, за тоа се пријателите. Да не те остават да правиш глупости сам. Значи ти си ми пријател? Не си, знаеш дека не си. Многу работи си ти, ама не си само пријател. Ти си ми рамо за плачење кога ми е тешко. И ти си човекот на кого најпрво помислувам кога нешто убаво ќе ми се случи. Со тебе сакам да споделам. Се да споделам. Да можам ќе ти кажувам кога јадам, кога си легнувам, како дишам. Ма не ни мора! Знаеш ти се... Животов со тебе сакам да си го споделам! 

Ах, колку те мразам! Те мразам кога не ми излегуваш од мисливе. Те мразам кога ме галиш поминувајќи со прстите низ мојата густа коса иако не сакам никој да ми ја допира. Те мразам затоа што пак почнуваш да ме скокоткаш и кога ќе ветиш дека нема. И те мразам кога си своеглав и добиваш се што сакаш, а многу мразам кога сфаќам дека е тоа тоа што и јас го сакам. Те мразам кога те нема и ќе се појавиш од никаде и многу мразам што правиш тоа да изгледа сосема во ред. Ја мразам таа твоја глупава способност да ме убедиш и во најнереалното нешто што постои. Знаеш што друго мразам? Мразам што така добро мирисаш. И кога ќе си отидеш оставаш трага и се ми мириса на тебе, ете тоа го мразам! И многу други работи мразам кај тебе, така да знаеш! А кај себе, кај себе мразам едно единствено нешто. Го мразам и дење и ноќе. И покрај тебе и далеку од тебе. Секогаш ќе се мразам за тоа. Ќе се мразам што си дозволив да те сакам...

Tuesday, August 20, 2013

ТОГАШ КОЈ ЌЕ МЕ САКА?


Каде одиш?-го прашав кога почувствував како неговата рака станува студена и далечна. Не ми одговори. Ни тогаш, ни подоцна. Се почувствував како да сум летала премногу високо и одеднаш некој ми ги пресекол крилјата. И почнав да паѓам, а тоа паѓање се чинеше бесконечно. Најверојатно затоа што ме однесе толку високо, најверојатно затоа што ми покажа розов свет кој не постои...
Ако тебе те нема тогаш кој ќе ме држи за рака? Ако те нема кој ќе ми влева чувство на сигурност до бесконечност и назад? Каде одиш? Без одговор. А се колнам, никогаш не поставував прашања. Никогаш не бев од оние напорни девојки кои кријат љубомора зад секој збор. И сега кога за прв пат имав прашања, тој немаше одговор. Тогаш започнав да се прашувам себе си. Каде згрешив? Како го натерав да ја пушти мојата рака и толку да се оддалечи што повеќе не можам да го дофатам? Немаше одговор. Проклета да сум, немаше одговор! Не можев ни сама на себе да си го дадам...


Бев толку мала во овој голем и суров свет. Како до сега да сум била слепа, а сега сум прогледала и одеднаш сум останала без водач. Ми покажа се, а всушност не ми покажал ништо. Можеби и затоа се чувствував така беспомошна. А ако тебе те нема тогаш кој ќе ме води? Добро, ќе се снајдам... Но ако тебе те нема, тогаш кој ќе ме сака?

Saturday, August 17, 2013

ИЗГУБЕНОТО НЕ СЕ ВРАЌА

Најлошо од се е кога знаеш дека не е само твој. Никој не ти ја кажува вистината, никој не застанува пред тебе за да ти рече дека го делиш со многу други. Но ти знаеш. Кога навечер ќе легне до тебе во вашата постела ти повторно се чувствуваш како да си таму сама. Студено е и празно, а сепак не си дозволуваш да го избркаш. Се тешиш што го имаш барем физички, кога веќе душата и срцето му се некаде на друго место.

Што е тогаш тоа што го тера да не ти признае? Веќе толку време. Ти се навикна на чувството да поседуваш само половина, ако не и помалку од него. А тој се навикна да те лаже. Да ти ја премолчува вистината. Да создава илузија дека ова е единствената вистина што постои, а ти си целиот негов свет. И тебе таа илузија ти се допаѓа. Всушност, омилена ти е. Не би можела да живееш без неа. Без него. 

Но воздухот мириса на невера. На измама и на лага. Од една страна тој прави се за ти да бидеш среќна, но од друга ти го руши сонот за било какво постоење на среќа. Ти знаеш се, а глумиш дека не знаеш. Тој е свесен дека знаеш и продолжува да ја игра својата улога. Гледаш, не си слепа, сите околу вас знаат што се случува. А вие ден по ден продолжувате да ја играте оваа игра. Не го прашуваш каде е, ти кажува само она што сакаш да го слушнеш. А и ти се навикна понекогаш да лажеш. Да ја прикриваш вистината и да ја играш неговата игра. Животот ти се претвори во филм. Но дали е тоа филмот што го сакаше? Оној за кој сонуваше уште од мала? 

Ти остана таква каква што беше како мала. Паметна, а сепак толку наивна. Неверник, а сепак полна со надеж. И сега сеуште мислиш дека нешто ќе се промени. Или дека ќе биде добро и да остане вака. Време е да се разбудиш. Време е затоа што времето веќе помина. А кругот се врти. Те повредуваше толку долго, сега ти ќе го повредиш него. Дури кога ќе му го свртиш грбот и ќе заминеш ќе сфати што изгубил. И дека погрешил што не бил само твој и што никогаш не научил да сака. Не се ни потрудил. Но тогаш ќе биде предоцна. Ти ќе ја најдеш среќата која со него си ја немала. Тој ќе ја препознае дури откако ќе ја изгуби. А изгубеното никогаш не се враќа.

Wednesday, August 14, 2013

НЕБО ОД ВАНИЛА

Седеа на брегот претопени еден во друг, знаејќи што ги очекува кога сонцето ќе изгрее. Но колку и да знаеја дека судбината ќе ги раздели нивните патишта, сепак тие две срца чукаа како едно, двете души заедно лебдеа под месечината. Беше нивна последна ноќ заедно. Последен пат пред засекогаш да се разделат. А би го избрале и најтрнливиот пат, би газеле по него додека крв не потече од нивните стапала, само за да ја продолжат ноќта барем уште малку...

Небото почна да избледува. Ѕвездите се гаснеа една по една. Беше како да се гаснат сите нивни надежи и соништа. Под тоа небо од ванила ќе останат само спомени и ништо друго. Дури ни болката нема да можат да ја остават таму. Знаеја дека ќе ја носат со себе како тежок товар до крајот на животот. Никогаш претходно не зборуваа за оваа ноќ. Се плашеа да ја спомнат за да не го сруши целиот мир и целата среќа што ја имаа. И сега кога дојде и помина тие не зборуваа за разделба. 

Под ова небо од ванила за последен пат го обновија ветувањето што длабоко во себе одамна си го имаа дадено. Колку километри и да ги делат, си ветија дека еден ден ќе го најдат патот назад. Како што изгубено кученце си го наоѓа патот до дома. Затоа што само едно место можеш да го наречеш дом. Онаму каде што се чувствуваш најсреќен. Онаму каде што можеш да бидеш свој како на ниедно друго место. Како само таму да постоиш. И ниедно друго небо нема да биде небо од ванила. Ниедна друга прегратка нема да биде толку топла и ниедни други спомени нема толку да болат. Ништо друго нема да создаде таква празнина. 

Си ветија дека еден ден ќе се сретнат пак. И каде и да се случи тоа ќе се препознаат. Без разлика колку годините ќе ги променат. Знаеја дека само кога нивните души ќе се сплотат пак и срцата ќе затропаат како едно над нив ќе се појави небото од ванила. Ако ништо друго ќе го препознаат него. И повторно ќе заживеат спомените кои си ветија дека ќе ги чуваат како најскапоцено нешто на светот. Во кутија од копнежи. Заедно со таа последна ноќ и парче небо од ванила.

Saturday, August 10, 2013

ЖИВОТОТ НЕ Е БАЈКА

Велат вреди да се бориш за она што сакаш да го имаш. За она што безусловно ти треба и го посакуваш без мотив и причина. Само еднаш посакав нешто толку силно. Го посакував со секој атом од моето битие и се борев. Многу се борев. Се борев со сите средства, ги исцрпев сите можности за на крај да останам со празни раце. Тогаш прв пат се запрашав зошто.

Оттогаш наваму останавме само јас и тоа прашање. Со денови, месеци, години останав да се прашувам зошто се моите раце празни, кога секоја бајка велеше дека ќе го добијам тоа што го сакам. Но животот не е бајка. Никогаш не ни бил, а никогаш нема ни да биде. Не секогаш трудот резултира со успех и не секогаш целта може да биде достигната. А верувај ми, ако некој се трудеше тоа бев јас. Дали сега сум песимист? Којзнае. Јас преферирам да се нарекувам реалист. Што побрзо сфатиш дека бајки не постојат - подобро за тебе. Низ овие градски улици Пепелашка може да го загуби своето чевличе, а никогаш да не го дочека принцот кој ќе и го врати. Да го побара принцот сама? Не, не. Јас не мислам така. Всушност би можела да го бара. Би можела дури и да го најде. И да се бори да го задржи. Како што се борев и јас, а не успеав...

Среќата си ја создаваме самите. Ние сме креатори на нашиот живот. Јас, ти и секој на планетава. Сепак не значи  дека загарантирано ќе успееш ако доволно се трудиш. Некогаш плодовите на твојот труд ќе ги собере некој друг, некој кој можеби и не го посакувал тоа. И тогаш ти ќе останеш со празни раце и со солзи во очите, баш како што останав јас. 
Не велам да престанеш да се бориш, тоа е твој избор. Надевај се на најдоброто, надежта последна умира. Но сепак умира. Биди подготвена на најлошото. Знаеш зошто? Затоа што животот не е бајка. Никогаш не ни бил.

Tuesday, August 6, 2013

ДЕВОЈКАТА СО ЛУЗНИТЕ

Замина во нов град. Подготвена за нов живот. Зад себе го остави семејството, домот, пријателите. Го остави и него. Всушност, тој ја остави неа. И наместо цврсто и со крената глава да го претрпи поразот, таа се спакува и замина. Без поздрав. Само со порака закачена на фрижидерот. Разбранувани букви, напишани со растреперени раце. Одамна ја имаше таа шанса да оди и да пронајде подобар живот таму. Понудата за работа беше и повеќе од добра. Беше одлична. А таа никогаш не ја прифати. Токму затоа и не изненади. Мислевме дека заминала на кратко, но таа со себе ја беше понела сета нејзина облека, се што имаше и го нарекуваше свое. Ги понесе и лузните кои тој и ги остави, но и една негова насмевка за таков да го памети. 

Мислеше дека темниот облак останал зад неа. Тука, на местото кое пред само половина месец го викаше „дома“. И така започна секоја вечер во својата нова постела, во поткровјето, покрај прозорот да внесува нова замена. Ниедна достојна да го замени него. Ниеден маж доволно сличен, а сепак доволно различен за да ја пополни празнината. Не во креветот, туку во нејзиното срце. 

Беше тоа празнина која не и дозволуваше да заспие во туѓи прегратки, па секое наредно момче што ќе го донесеше дома го испраќаше пред зори не дознавајќи му го ни името. Беше празнина која воопшто не и дозволуваше да заспие. Преку целиот ден работеше за да си ги држи мислите зафатени, а ноќе пиеше и се забавуваше за да ја удави тагата во алкохолот и да ја прекрие со нови личности. И не знам како успеваше да преживее со толку малку сон. Ах, колку сум глупава. Јас мислев дека имаше волја за преживување. Дека токму затоа се пресели во тој проклет град.

Ја немаше да се јави. Неколку пати добив пораки од неа. Долги, како да ми го раскажува целиот свој живот низ чудни зборови. И како тоа да го прави за последен пат. Ме прашувате каде е сега? Ја проголта новиот град. Едно утро заѕвоне телефонот за да го потврди моето лошо претчувство. Тело на мртва девојка пронајдено во реката...

Monday, August 5, 2013

ФАТАЛНА ПРИВЛЕЧНОСТ

Постои нешто сосема различно од љубов, а на некој начин и сосема исто. Некое чувство што прави да гориш однатре и раѓа бесконечна желба и единствена потреба. Го викаат страст. Јас го почувствував само еднаш, само со него и го нареков фатална привлечност.

Целото тоа време се обидував да се натерам себе си да го сакам, да водам бесконечни разговори со него, да поминувам незаборавни моменти. Никогаш не успеав. Не успеав да го засакам како пријател или како брат. Секогаш кога ќе го погледнев имав само една желба. Што поскоро да го добијам во моите прегратки и да се изгубам во него. А лажев многу. И изглумив многу емоции. Можеби е грев, но задоволството кое ми го пружаше беше единствената вистинска.

Залудно сакав да одглумам разочарување од неговата бесчувствителност, кога знаев дека јас сум уште полоша. Имаше толку леден допир, а раце врели од страст. Во очите му гореше пламен, но погледот му беше студен. Токму тоа ме привлекуваше, тоа беше се што барав. Секоја потреба за блискост ми беше задоволена и тогаш сфатив дека емоционалната близина никогаш и не ми требала. Доволни беа врели бакнежи со усни од камен. Усни кои лажно се смеат и кога лажат и кога ја кажуваат вистината.

Не велам дека не ми недостига сега кога го нема. Но во доцните ноќни часови кога будна размислувам, се на што можам да се присетам се тие топли летни ноќи. Не на долги разговори, не на бескрајни прошетки. Само бесконечна страст. И фатална привлечност.

Thursday, August 1, 2013

ЖАР

Ти недостасува повеќе отколку што мислиш, верувај. Сакаше да го заборавиш? Знам. Сите сме се обиделе некогаш. О, камо да функционираше тоа така. Ајде обиди се, погледни некоја фотографија со него, знам дека ги чуваш. Ја чувствуваш празнината? А зошто воопшто ги чуваш тие фотографии? Зарем не рече пред неколку дена дека е готово, дека го заборави? Не си. Не сум ни јас.

Некаде во некоја фиока сите ги чуваме старите фотографии. Потсетуваат на времето кога бевте среќни, а сепак ти не ги разгледуваш никогаш. Знаеш дека ќе боли. Ќе боли кога нема да ги препознаеш насмеаните ликови на нив. И ќе се запрашаш дали навистина тоа бевте вие. И зошто сте сега само странци кои можеби и нема да си кажат „здраво“ кога случајно ќе се разминат на улица. И ја гаснеш секоја надеж, ја притискаш како догорена цигара. Секоја вечер свесно си велиш дека е готово и тоа е реалноста која е пред тебе за да ја прифатиш. Секоја вечер го гаснеш светлото во обид да заспиеш, но светлината на тоа едно единствено жарче кое гори во тебе не му дава на сонот да натежне врз твоите трепки. И плачеш за со солзи да го спречиш пожарот кој следи. А не можеш.
Се прашуваш ли од каде го знам сето ова? Не, не сум видовита, ниту пак некој ми ги кажува твоите тајни. Јас едноставно знам. И јас понекогаш ја отварам фиоката за барем да ги допрам сликите кои носат спомени за нас. И во мене сеуште гори истото жарче. Камо да можев да го изгаснам...

Wednesday, July 31, 2013

ДА ЗАСПИЈАМ

Да заспијам и да спијам долго, бесконечно. Да заспијам и да се разбудам на друго место и во друго време. А вие никогаш ли не сте посакале такво нешто? Да спиете толку што ќе се претопите со соништата и ќе ви станат реалност? Да избегате од сите проблеми што ве мачат и да се најдете некаде каде што никогаш не сте биле.

Да заспијам и да престанам да ја чувствувам неговата близина во воздухот и неговиот здив на мојот врат. Секогаш. И кога не е тука. Да престанам да размислувам и да тонам во празнината која ми ја остави. Да заспијам и да се разбудам во непознати раце кои ќе ме прават среќна. А него да  го нема. Ни во мисливе, ни во срцево.

Да заспијам на мека и миризлива постела ослободена од болката и тежината која ме притиска и не ми дава мир. Да не морам да ја дочекувам секоја зора. И да спијам со денови, месеци, години... Да спијам додека не заборавам. Додека не исчезне и последната емоција.

Да заспијам и да избледи секоја лузна од неговите допири на мојата кожа. Доволно долго да го заборавам и доволно кратко да не заборавам што беше среќа.
Само кога би можела да заспијам...

Sunday, July 28, 2013

ПРАШАЊА

Се трошат ли некогаш зборовите? И дали ако доволно долго чекам тој ќе се врати? А што ако за тоа време преболам? Се трошат ли некогаш зборовите што сакав да му ги кажам, а ги изговорив со шепот само за себе? Ме чека ли мене некој како јас што го чекам него?

Толку многу прашања, а за ниедно одговор. Нема ли некаде на светов мудрец што знае се и ако го прашам ќе ми каже? Јас би го нашла. Би го барала и би го нашла. Некогаш мислам дека нешто мало ми недостасува за да се смирам. За да заспивам мирно навечер, а не да го дочекувам изгревот на сонцето одново и одново. Да го спојувам денот со ноќта и ноќта со денот. Заскогаш. 

Што ли недостасува? Можеби одговорот на сите мои логични и нелогични прашања. Одговорот кој веројатно и сама го знам, но не сакам да го изустам. Еден одговор за милион прашања. Каде е? Постои ли некаде? Постои ли тој, постои ли одговор? 

Зарем не забележувате? Секое прашање води кон ново. И секој нареден одговор е ист. Ниеден не носи мир. Ниеден нема да ме стави во постела и да ме успие кога сонцето ќе зајде. Секој одговор ќе ме измачува да ја гледам месечината додека не исчезне. Ќе ми тежи како што тежат прашањава. Можеби и повеќе. Можеби и помалку. Во секој случај ќе тежи. А знам дека и вечерва нема да престанам да се прашувам...

Wednesday, July 24, 2013

МААНИ

Некогаш барав личност која ќе ги забележи сите мои добри страни. Барав личност за која ќе си ги истакнам доблестите за така да станам привлечна и посакувана. Не знаев. Не знаев што е всушност вистинска љубов. Требаше да пронајдам некој пред кого ќе се отворам како непрочитана книга. Некој кој ќе научи како звучи секој мој погрешен збор, како изгледам кога сум тажна и лута. Не само на мене, секому му треба таа личност, бидејќи оној кој ќе те сака откако ќе ги дознае сите твои маани е оној кој ќе те сака вечно.

Да, точно е. Не верувам јас во вечна љубов. Во стареење заедно. Но сакав и јас еднаш. Му ги покажав сите мои лица и тој ги прифати како да немам лоши страни. Имав толку многу и сеуште се тука. А јас - неверник, уништив се. Тој остана некаде во минатото, времето ги избледи сеќавањата, но моите маани се сеуште тука. И тој сеуште ги сака. И јас ги сакам неговите. Колку време и да помине, тоа е единственото што го признавам за вечно. Единственото што ќе трае засекогаш. Моите маани и начинот на кој тој ги прифати. 

Monday, July 22, 2013

БОГОВИ

Зевс, Хера, Посејдон, Афродита, Аполон, Арес, Артемида... Звучат познато зарем не? И тие се првата асоцијација која ја добивате на насловот БОГОВИ. Живееле на планината Олимп, старите грци верувале во нив, најверојатно затоа што тие им биле заштитници и единствено нешто во кое можат да веруваат.

Е сега постои нешто кое за мене претставува енигма уште многу одамна. Ако тоа е вашата асоцијација на богови, зошто тогаш постојат луѓе кои ги величате толку многу како што старите грци ги величале оние од врвот на Олимп? И не само тоа. Зошто постојат луѓе кои себе си се сметаат за богови?! Не можам да си одговорам. Одговорот го барав во недостатокот на „свое јас“ кај некои луѓе, што од друга страна некои го имаат и одвишок. Проблемот е што сега се најдов во ќорсокак. Запознав некој што се постави токму како да се симнал од Олимп и за момент и јас бев убедена дека тоа е така, а тој е во право. 


Погледот заводнички, главата во облаци и зборови кои те тераат да му веруваш, а истовремено да се плашиш од неговите постапки. А никогаш не верував дека ке затворам очи пред некого и ќе го следам така слепо. За среќа се освестив. Па јас знам дека тоа се само луѓе со големо его и способност да натераат други да им бидат безусловни следбеници. Знам дека јас под такви влијанија не потпаѓам. 
Сепак останав збунета. Тој можеби има нереално високо мислење за себе. И има луѓе кои токму затоа го величаат. Но да бидам реална, зарем не успеа таа негова магија да ја употреби и на мене? Макар за кратко. Можеби токму тоа го сакал, токму тоа била неговата цел? 

И можеби сепак овие луѓе се една модерна верзија на боговите кои некогаш живееле на Олимп, само што сега живеат на сивиот асфалт.

Saturday, July 20, 2013

СТРАВ

Толпа. Голема толпа луѓе. Раздвижени и среќни. Ако сакаш слободно можеш да се изгубиш меѓу нив. И се прашувам зарем не би била една одлична и многу веројатна случајност ако токму во таа толпа се појавиш ти. Зарем не би било тоа сосема нормално, кога веќе сите се тука и шансите за тоа се доволно големи? 

Немо ги гледам лицата кои ме одминуваат и ми се насмевнуваат. Не е таа насмевка и не се тие очи. Како од полусон ги набљудувам, спремна да се разбудам ако ги препознаам. Но дали ќе ги препознаам? Некогаш токму од тоа се плашам. Што ако заборавам? Што ако престанам да се сеќавам како ме гледаше и допираше? Што ако помина времето кога те препознавав од далеку по одот? Тоа прерасна во мојот најголем страв. Колку што се плашев од разделби, сега уште повеќе се плашам од заборав.
Те чувам како слика во моите мисли. Таков те паметам и таков сакам да останеш. И можеби затоа нема да те препознаам во толпата дури и да се појавиш. Па ти се промени. Или ја тргна маската која ја носеше пред мене. А тоа не сакам да го прифатам. За мене ти си човекот кој најтопло ме гледаше, најстрасно ме љубеше и најнежно ме прегрнуваше. Се молам да не се промениш, а знам дека веќе се случило. И се плашам. Се плашам да те погледнам и да не те препознаам, да те допрам и да не те почувствувам. И можеби е подобро што не се појави во толпата. Бидејќи јас многу се плашам..

Thursday, July 18, 2013

НЕВЕРНИК

Не верувам во вечност. Ниту во бесконечна љубов, ниту во сродни души. Никогаш не верував во приказни и многу рано сфатив дека бајките што ми ги раскажуваа за добра ноќ се нереални. Престанаа да ми бидат интересни и морав да си најдам друга занимација пред да заспијам. Замислував среќа, успех, но никогаш љубов. Со текот на времето се што научив беше како да кршам срца. И одлично ми одеше, дури станав и експерт.Ме интересираше само добра забава и ништо повеќе. Планетата Земја ја замислував како светлечка диско топка која без престан се врти. 

Неверници и кршачи на срца не сретнував така често. Всушност сретнував, но не беа како мене. Длабоко во себе сите имаа некакви чувства. Можеби избледени, но беа таму. Кај мене ги немаше. И бев среќна поради тоа. Така барем се чувствував заштитена од повреди и од безуспешни романси. Јас бев таа која повредува и не постоеше некој кој ќе ме повреди мене.

Тогаш се појави тој. И не, сега не следи приказна како ме променил и ме натерал да верувам во вечна љубов. Јас сум сеуште истиот неверник. Само не знаев дека некаде постои ист како мене. Ако не и подобар. Или полош. Сфатете го како сакате.Во неговите игри се препознавав себе и му го знаев секој чекор бидејќи беше копија на моите постапки. Начинот на кој си поигрував со туѓите срца сега го видов во неговите очи. Можеби затоа ме привлече и се понадевав дека и овој пат ќе излезам како победник. Ќе ја одиграм добро познатата претстава и ќе заблескам во мојата улога.

Можеби требаше да го наречам овој текст ПОРАЗ. Тоа е вистинското име за она што го чувствувам. И изненадување, нов и неочекуван крај. Измамена и изиграна седам вака пред мониторот и механички удирам по тастатурата. Сеуште се прашувам дали е возможно да постои некој со помалку чувства од мене. Јас барем некогаш имав сожалување кон жртвите на мојата бездушност. Тој не. Сепак ја делам оваа светлечка диско топка со уште еден неверник.

ДЕНОВИ

Лежам безволно помеѓу еден куп меки перници и се чувствувам како да лебдам на површината на некој океан. А топло е, дури жешко, толку многу што сигурно и не можам да дишам слободно, но мислите ми се на некоја плажа. Или барем се обидувам да ги испратам таму.
Со сите сили се трудам да поминам преку овие денови и како повредено маче што си ги лиже раните, така и јас сакам да се залечам и да преминам преку се. 
Ми рекоа да излезам. Ми рекоа да се забавувам. А за мене најдобар лек и бегство од реалноста се токму овие меки перници и бескрајна фантазија.
Минуваат денови. Јас не знам кој ден е ниту колку поминале од оној вторник. Сигурна сум дека ми тежат и ме потиснуваат но си велам: „Што се деновите?“
Деновите се ништо, не постојат. А сепак очекувам да излечат се.
Некои луѓе ќе ти го скршат срцето, па како ништо да не било.
Ама кога некој се откажал од тебе нема причина да бараш начин да се вратиш во неговиот живот. 
И затоа најдобар лек е времето. И празнината. И самотијата.
Да научам дека секогаш се имам себе.
За тоа ми се потребни денови.

КРАЕВИ БЕЗ ПОЧЕТОЦИ

Колку повеќе се доближува до мене толку повеќе го чувствувам крајот. Некаде во некој паралелен универзум тој крај сигурно веќе се случил за нас. И не само таму, нашите краеви еден по еден се случуваат во сите други светови. Само тука во овој како да сме заштитени во стаклено ѕвоно преку кое ги слушаме ударите на другите ѕвона додека се кршат. Всушност не знам дали и тој ги слуша. Секогаш кога е со мене истовремено е комплетно мој и комплетно туѓ. Не знам со кого го делам, но свесна сум и дека никогаш нема да дознаам. Можеби затоа што во овој свет не го делам со никого. Тој е туѓ некаде на друго место, а ни сам не е свесен за тоа. Не можам да сфатам ни јас. Исто како што не сфаќам зошто доцни крајот и како овој универзум е последниот до кој не стигнал. А верувај, овој свет ми донесе многу краеви. Знам, велат секој крај е нов почеток, но не. Кај мене никогаш не е така. Треба да завршат десетина нешта за да добијам едно ново и на тоа ново веднаш да му го насетам крајот. Можеби затоа секогаш се чувствувам како да немам ништо и немам никој. Па јас секогаш сум во загуба. Проста математика. Ако губиш повеќе отколку што добиваш, тоа е загуба, а јас одамна сум влезена во минус. Некогаш одамна се прашував какви се тие краеви без почетоци. Сега се прашувам каде е мојот крај со него. Уште ја чувсвувам неговата топлина кога ќе ме притисне во прегратка , а јас со усните ќе заталкам по неговиот врат, додека со носот ги впивам сите миризби – и оние што постојат и оние во мојата глава. Знам дека е тука. Ме држи цврсто и ме уверува дека не оди никаде. И сега можам да се завртам и да го видам неговиот блузон на мојот кревет. Беше студено претходната вечер. Дуваше силен ветар и донесе некоја чудна миризба. Јас верувам дека е тоа миризбата на разделбите, но тоа не можев да му го кажам. Можеби е само во мојата глава и тогаш што би помислил тој?  Се чувствував беспомошна, дали од таа миризба или можеби од апчињата за болка кои беа во мене, но толку беспомошна не сум се чувствувала никогаш. Како токму тука да беше крајот. Можеби и бил ама што го натерало да не остави да продолжиме заедно? И онака моите универзуми се измислени само за збогувања. Во еден не сме се ни запознале, во друг одамна сме завршиле. Знам дека и ова ќе престане, ако не денес, ако не за една година, тогаш за десет мора да престане. Да, навикната сум. Но стравот сеуште е тука. Беше и остана моја најголема фобија. Крајот. Збогувањата. Уште една лузна во мојот свет на краеви без почетоци.

Темни очила.

Носам темни очила секојдневно. Така никој не може да види дека плачам. Понекогаш за миг ќе ги извадам пред оние кои сеуште ги сметам за блиски, но кога ќе ги вратам тие брзо заборааат дека виделе солзи. Се прашувам дали некој ја познава мојата душа? Мислев дека ти ја познаваше додека не отиде. Сега не постои никој. Всушност, постојат многумина. Многумина кои ме лажат дека ме познаваат. Изгледа моите очила ме прават слепа и јас им верувам не гледајќи дека на нивните лица има насмевки. Никој не жали со мене. Никој не забележува солзи кога сум без очила. Затоа не сакам повеќе да ги вадам. Тоа ме боли. Боли и тоа што повеќе не го гледам сонцето со цел сјај. Знаете, очилата кријат очи потечени од плачење, но тие го затскриваат и сонцето. Прифатив повеќе да не ја видам целосната светлина на денот. Затоа и живеам ноќе. Тогаш се опуштам и ги вадам очилата. Тогаш никој не ме гледа. Тогаш и јас не гледам никој. Тогаш плачам се додека не заспијам иако ретко спијам. А кога ќе заспијам...само продолжувам да плачам во сонот. И се помирувам со фактот дека и утре морам да носам очила. Дека морам да ги кријам очите не од срам, туку од болка. Болка што моите солзи се видливи само за мене, а сонцето за сите останати. Носам темни очила секојдневно...

Го викаат ЉУБОВ..

Понекогаш е како да губиш свест. Како да те снемува од овој свет и не знаеш колку долго те нема и каде си исчезнал. А потоа се враќаш, продолжуваш по истиот пат и со истите намери. Истовремено се чувствуваш среќно и исполнето, но и болно. Боли таа темпирана бомба на која не и дозволуваш да се распрсне во тебе и да исфрли се на светлина. Пред сечии очи. Ништо чудно. И јас се плашев. Зарем постои некој кој не би се плашел? Па тоа е уникатно чувство. Неповторливо и секогаш толку различно. И одеднаш да се разоткриеш себе си - невозможно. Во исто време е желба за повеќе, но и откажување од се што поседуваш. Истовремено е страст, нежност, но и почит. А ти се плашиш да го исфрлиш. Се плашиш да го покажеш. Се плашам и јас и сите други.
Понекогаш е како да леташ. Како да си далеку над земјата и од облаците гледаш црни точки кои се движат. И меѓу нив ја препознаваш онаа единствена, со боја на виножито. Твојата точка. Онаа која ти дава енергија и моќ да си на небото, онаа која те храни и поттикнува. А ти сеуште се плашиш. Барем да го исфрлиш тоа од себе, па да заврне пороен дожд и сите да го почувствуваат. Твоето виножито да порасне и сите да го видат. Но не. Ти се плашиш.
Понекогаш е како да тонеш длабоко во морето. Како да се обидуваш да се скриеш од сите, а највеќе од него. Се затвораш во едно од оние ковчежиња за чување богатство и се фрлаш во бескрајните модрини помеѓу брановите. И се плашиш. Се плашиш да го кажеш, се плашам и јас. Се чувствуваш како да ќе изгубиш дел од себе и никогаш нема да можеш да го вратиш.
Понекогаш треба да се препуштиш. Ќе се препуштам и јас. Ќе му дозволам на моето мало виножито да ги дознае моите тајни и да стане посветло примајќи ги. Ќе му дозволам на она чувство да завладее со мене. Aх, не знам ни да го изговорам, но ете ќе се обидам. Го викаат ЉУБОВ..

ОГЛЕДАЛО НА НЕГОВАТА ДУША

Беше таков тип кој секој би го сакал на своја страна, но би се плашел да го има за непријател. И кога се смееше и кога не се смееше во очите му ја гледав таа искра и се прашував дали е специјална и наменета само за мене или пак ја носи секогаш во својата душа. Велат очите се огледало на душата. Најверојатно е така. Подеднакво топло ме гледаше кога беше тажен и кога беше среќен. Како да гореше некој пламен во него кој чинам никогаш не гаснеше или можеби гаснеше само кога не бев тука. Неговите очи ги чувствував и кога моите беа затворени. Ги чувствував кога му го слушав гласот и кога молчејќи седевме во темнината. Ги чувствував дење, ги чувствував ноќе. Некои луѓе имаат толку празен поглед. Неговиот не беше таков. Изгледаше како да видел се и видел доволно па сега се задржал на мене. Се чувствував како скапоцено уметничко дело во ефтина рамка. Но чувството беше убаво. Убаво е некој да те гледа така. Да знаеш дека некаде припаѓаш, дека за некого вредиш. Со поглед и без зборови да те прифаќа онаква каква што си без желба или потреба да те менува. А што е најубаво од се ? Најубаво за мене беше долго, долго да гледам во огледалото на неговата душа..