Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Thursday, May 29, 2014

КОГА ТЕ НЕМА

Не знам како да ти кажам, ама не можам повеќе. Не знам како на фин начин да ти соопштам дека уште те сакам, само што веќе не можам да те гледам. Се колнам во влажниве трепки, се колнам во подочнициве и бледово лице дека не можам! Веќе со денови, месеци, години затворав очи пред твоите лаги, ги ширев рацете секогаш кога ќе се појавеше на мојот праг. И сега не знам како да ти кажам, ама срцево толку може. Како да ти објаснам дека е време да те снема? Кога веќе не ти е во план да ме засакаш, кога веќе немаш ни желба да останеш, како да ти кажам на наједноставен начин дека треба да си одиш?

Ете затоа пукнав. Жими секоја непреспиена ноќ, затоа беше! Ти не знаеш како убива кога си присутен, а отсутен. Кога ме погледнуваш, а не ме гледаш. Се колнам во твоите зелени очи дека болат празните погледи. Па што не донесе нож да ме прободеш?! Се колнам немаше волку да боли! Дека таа рана се лечи. Дека таа лузна заздравува. А кога ти кажав да исчезнеш? Како сега таа празнина ќе се пополни?

Жими ѕвездите на небово, празно е без тебе. Тивко е и мирно е и нема нови грижи. Ама ме притиска некако тоа што те нема. Нели јас те избркав, нели јас се откажав? Којзнае дали беше тоа добра идеја... Знаеш, беше избор помеѓу две зла. Велат секогаш избери го помалото. Од кај па јас да знаев кое е помало? Од кај да проценев што повеќе ќе ме боли? Секоја вечер се молам да се вратиш и се надевам дека кога тоа ќе се случи ќе те одбијам. И си ги вртам низ глава сите слики што ги имам, сите сеќавања на тебе. Се плашам дека ќе заборавам. Што тогаш?

Не знам како да ти кажам, ама не можам повеќе. Или врати се или само дојди да се искараме онака жестоко како никогаш претходно. Зошто се колнам, кога ти реков да си одиш во себе се надевав дека нема. Дека ќе ме прегрнеш и ќе ме смириш. Ти никогаш не си ме послушал. Мораше ли сега да го направиш тоа? Што да правам јас сега? Што кога толку бескрајно ми недостасуваш...?