Не знам како да ти кажам, ама не можам повеќе. Не знам како на фин начин да ти соопштам дека уште те сакам, само што веќе не можам да те гледам. Се колнам во влажниве трепки, се колнам во подочнициве и бледово лице дека не можам! Веќе со денови, месеци, години затворав очи пред твоите лаги, ги ширев рацете секогаш кога ќе се појавеше на мојот праг. И сега не знам како да ти кажам, ама срцево толку може. Како да ти објаснам дека е време да те снема? Кога веќе не ти е во план да ме засакаш, кога веќе немаш ни желба да останеш, како да ти кажам на наједноставен начин дека треба да си одиш?
Жими ѕвездите на небово, празно е без тебе. Тивко е и мирно е и нема нови грижи. Ама ме притиска некако тоа што те нема. Нели јас те избркав, нели јас се откажав? Којзнае дали беше тоа добра идеја... Знаеш, беше избор помеѓу две зла. Велат секогаш избери го помалото. Од кај па јас да знаев кое е помало? Од кај да проценев што повеќе ќе ме боли? Секоја вечер се молам да се вратиш и се надевам дека кога тоа ќе се случи ќе те одбијам. И си ги вртам низ глава сите слики што ги имам, сите сеќавања на тебе. Се плашам дека ќе заборавам. Што тогаш?
Не знам како да ти кажам, ама не можам повеќе. Или врати се или само дојди да се искараме онака жестоко како никогаш претходно. Зошто се колнам, кога ти реков да си одиш во себе се надевав дека нема. Дека ќе ме прегрнеш и ќе ме смириш. Ти никогаш не си ме послушал. Мораше ли сега да го направиш тоа? Што да правам јас сега? Што кога толку бескрајно ми недостасуваш...?