Која сум јас?

Која сум јас? Многумина од вас ме познаваат. Јас сум девојката со вечната инспирација. Онаа која неисцрпно пишуваше. Девојката која секој ден го преточуваше на хартија. Сега реши да ги подотвори вратите од својот свет и за оние кои досега не ја запознале.

Tuesday, June 3, 2014

ЖИВОТОТ БЕЗ ТЕБЕ

Еве, те заменив со него. Еве, тој ме чува како капка вода на дланка. Ми дава што и да посакам и без гласно да посакам. И секој ден со него значи среќа. Барем би требало да значи. Ама и илјада моменти да соберам нема да бидат толку прекрасни како еден со тебе. Ретки беа, многу ретки, но нашите вредеа. Се чувствувам како со него ништо да не ми вреди. Како сиот негов труд да го фрлам во вода кога ќе помислам на тебе.

Ти среќен ли си сега? Ми недостасуваш. Ене го, спие во другата соба. Му реков дека ме боли глава и дека ќе се напијам една шолја чај. Заспа, уморен е. Денес цел ден одеше од продавница во продавница со мене. На свадба сме викендов. Скоро две години сме заедно, па почнаа во пар да не` канат по свадби. Знаеш ли дека му најдов прстен во џебот од палтото? За мене е. И се плашам. Што ќе му одговорам? Јас не сакам да се мажам. Јас сакам тој да беше ти. Со тебе да се вселев во новиов стан. Со тебе да легнував и со тебе да се будев. Можеби ти немаше да ме носиш на раце ако тоа ми требаше. Можеби немаше во твојот џеб да има прстен. Ама од се` срце посакувам во другата соба да спиеше ти. Да се припиев до тебе и изутрина да те разбудев со топло кафе. Со млеко. Ти какво што го сакаш. Не заборавив. Посакувам да не морав да крадам мигови од овие празни ноќи за да ти го слушнам гласот. Колку пати и од скриен број, колку пати и прекинував пред да заѕвони... И сега конечно ти кажувам реченици. Празни реченици. Реченици кои не ти значат ништо, знам.

Ме прашуваш како ме немаше до сега. Две години. Учев да живеам без тебе. Денес кога го видов прстенот повторно се` ми мина низ глава. Камо тоа да беше твое палто, твој џеб. Нека немаше прстен, ако. Се` што ми е прираснато за срце си ти. Од времето со него немам ништо. Само време. Како да е залудно потрошено. Види, тој е толку добар. Сега не морам ни да го избришам повиков. Никогаш не ми го проверил телефонот. Никогаш не ми се развикал. Кога молчи и ми простува за глупостите што ги правам највеќе ми недостасуваш ти. Да викаме, да кршиме чаши и чинии. Така барем знаев дека има страст. Дека имам некаков пламен во животот. Со него животот ми е мирно море. А знаеш дека ги сакам брановите. Повеќе од се`. Зарем е можно никогаш да не се посомневал во мене? Зарем толку добро глумам?

Од време на време погледнувам да не се разбудил. Искрено, се надевам дека ќе ме слушне. Знам дека ќе го повредам и затоа не го оставам. А добро ли е да си со некој од сожалување? Од помисла дека тоа е најприфатлив избор за твојот животен пат, па колку и да ти е здодевно и еднолично со него? И чекам тој да ме напушти. Ама мислам дека и да го изневерам ќе ми прости. Многу ме сака. Како ти никогаш што не ме сакаше. И јас тебе многу те сакам. Како што него никогаш нема. Нека...

Атеист сум, знаеш, ама секоја вечер на нешто се молам да се разбудам во друг, паралелен универзум. Да се разбудам до тебе. Да отворам очи и да те видам како спиеш. Ама тебе те нема. И замисли, замисли да прифатам и да се омажам. Па знаеш ли ти дека јас и на денот на свадбата ќе се надевам дека ќе се појавиш и ќе избегаме заедно? Филмови... Не знам, да те поканам ли на свадба? Имаш ли некоја, ќе ја донесеш ли и неа? Знаеш, за да видам дека си продолжил, си успеал и дека си среќен. Ах колку тој се труди да бидам среќна... Којзнае што романтично има испланирано за да ме запроси. Дај нека се разбуди! Нека ме слушне! Нека се налути и нека ме исфрли надвор! Еве вака во ноќница. Кај тебе ќе дојдам. Боса и премрзната. Тој нека ме мрази ама јас кај тебе ќе дојдам. Ама ништо не знае. Којзнае дали го кажувам твоето име во сон... И да ме слушнал си молчи. Секогаш молчи...

Половина од тоа јас што те сакам, ете толку да ме сака е премногу. И онака не вредам кога срцето ми е кај тебе. Две години, две години сама! Сама, без тебе, исто е тоа. Ене го спие. Колку мирно спие. Не го слушам. Не го ни чувствувам. И да му станам жена, и по десет, и по педесет години јас ќе излегувам на полноќ на шолја чај. И секогаш исто ќе посакувам. Камо во другата соба наместо него да спиеше ти...

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.