Мене секогаш ќе ми треба таа една искра. Секогаш ќе ми недостига уште нешто малку. Ни сега не знам, ни тогаш нема да знам што. Ама ќе го барам додека постојам. Ќе го добивам попатно, ќе ми здосадува и ќе го отфрлам. И пак ќе отпатувам за да го барам.
Со текот на годините забавата ќе се менува. Сите ќе се пронајдат и сите ќе застанат. А што ако јас не можам? Што ако немам сопирачки или не знам како да ги употребам? Понекогаш, додека одмарам од собирање на вредни и безвредни спомени, размислувам. Размислувам и гледам иднина во која останувам сама. Тоа ме плаши. Ми создава панично чувство. Ги насочувам мислите кон некој за кој вреди да се смирам. Се обидувам. И на крајот го повредувам. Јас не знам како.
Чекам. Растам. А нели постепено треба да се променам? Тоа не се случува. Ни малку не сум променета од вчера, од минатиот месец, од лани... Кога ќе дојде тој момент? Нели не се случува одеднаш?
Не ме фаќа место. И сега кружам низ собава од што не можам да седам. Сенка паѓа на подот од гранките крај прозорот. Ветрот дува и создава прекрасни шари. Седнувам да цртам. Десет минути. Ни толку. Не можам да седам тука, не можам да бидам ти. Не можам да бидам како вас. Вие не сте номади. Вие имате срца кои знаат да сакаат. Јас имам нагон за барање неволји. Секогаш најлошиот. Секогаш најнедостижниот. Не за да го сакам, не за да ми треба. Моите очи гледаат само задоволство. Никогаш психичко.
И се плашам, и треперам. Не сакам да бидам како вас, но некогаш се надевам дека таква ќе станам. А што ако не? Што ако останам номад?
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.