Да заспијам и да спијам долго, бесконечно. Да заспијам и да се разбудам на друго место и во друго време. А вие никогаш ли не сте посакале такво нешто? Да спиете толку што ќе се претопите со соништата и ќе ви станат реалност? Да избегате од сите проблеми што ве мачат и да се најдете некаде каде што никогаш не сте биле.
Да заспијам и да престанам да ја чувствувам неговата близина во воздухот и неговиот здив на мојот врат. Секогаш. И кога не е тука. Да престанам да размислувам и да тонам во празнината која ми ја остави. Да заспијам и да се разбудам во непознати раце кои ќе ме прават среќна. А него да го нема. Ни во мисливе, ни во срцево.
Да заспијам на мека и миризлива постела ослободена од болката и тежината која ме притиска и не ми дава мир. Да не морам да ја дочекувам секоја зора. И да спијам со денови, месеци, години... Да спијам додека не заборавам. Додека не исчезне и последната емоција.
Да заспијам и да избледи секоја лузна од неговите допири на мојата кожа. Доволно долго да го заборавам и доволно кратко да не заборавам што беше среќа.
Само кога би можела да заспијам...
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.